ДУИ се уште расправа за, како што велат од партијата, двете опции – учество во владината коалиција или одење во опозиција и портпаролот Бујар Османи најави дека конечната одлука треба да биде донесена во понеделник. Османи кажа дека на денешната седница на Централното претседателство се разговарало за двете опции.
„На претходната седница го усогласивме текстот за Законот за употреба на јазиците. Тоа беше услов без којшто не се може понатаму за која било опција. Сега остануваат два начина, два инструмента за реализација на законот: учество во владина коалиција и поддршка на малцинска влада, останувајќи во опозиција, но давајќи поддршка на таква влада со услов усвојување на Законот за употреба на јазиците“, изјави Османи пред седиштето на ДУИ во Мала Речица.
Како што пренесе Османи, предноста што ја гледа претседателството во опцијата останување опозиција е фактот да се овозможи секој што имал сомнежи во работата на ДУИ сите овие 10 години да може да го направи тоа без да биде попречен од учеството на партијата во владата.