ЕДЕН ОД ОСУДЕНИТЕ ЗАПРОСИ ОСУДЕНА НА РОЧИШТЕТО ПРОТИВ РАШКОВСКИ ПО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ОБВИНИТЕЛКАТА ДЕКА ЌЕ ИЗБЕГА БИДЕЈЌИ Е НЕЖЕНЕТ

    ЕДЕН ОД ОСУДЕНИТЕ ЗАПРОСИ ОСУДЕНА НА РОЧИШТЕТО ПРОТИВ РАШКОВСКИ ПО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ОБВИНИТЕЛКАТА ДЕКА ЌЕ ИЗБЕГА БИДЕЈЌИ Е НЕЖЕНЕТ„Прекрасен момент, нека ви е со среќа! Но дали имате други причини како околност да се браните од слобода?“, праша судијката (Фото: МИА/принтскрин

    По изрекувањето на првостепената пресуда за случајот „софтвери на Рашковски“, Даниел Станчев, кој доби 4 години затвор, ја запроси во судницата во Кривичниот суд Скопје обвинетата Ирена Ивановска, осудена на три ипол години затвор.

    Овој гест следеше откако обвинителката Ивана Трајчева кога побара меѓу другите, и притвор за Даниел Станчев, кажа дека тој е слободен, неоженет и лесно може да избега од Македонија со оглед на изречената казна од 4 години затвор.

    „Бидејќи мојата семејна состојба како неоженет за обвинителката е причина дека ќе се дадам во бегство, еве со моето срце јавно ја прашувам Ирена Ивановска дали ќе се омажи за мене?  Ти си единствената причина поради која останав во оваа земја“, ја запроси Станчев девојката Ивановска, со која како што кажа, бил во врска 8 години.

    Тој клечеше на колената додека го кажуваше ова. Ивановска стоеше пред него, по што го прегрна и се бакнаа.

    Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска им честиташе, рече дека тоа е прекрасен момент, но праша дали освен овој аргумент, Станчев има друг со кој би ја убедил неа и советот дека нема да избега по изречената пресуда.

    „Прекрасен момент, нека ви е со среќа! Но дали имате други причини како околност да се браните од слобода?“, праша судијката.

    Станчев продолжи да зборува дека се жалел до Судот во Стразбур за притворот од 500 дена и да ја разубедува судијката дека ќе остане тука.

    Првообвинетиот Драги Рашковски денеска е осуден на единствена казна затвор од осум години, Ивица Димитровски на пет години казна затвор, Игор Христов на пет години и шест месеци. За сите четворица обвинителката Ивана Трајчева побара притвор поради опасност од бегство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира