ЗА ДЛАБИНСКО СНИМАЊЕ НА ПОШТА И МОЖНА ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ЖЕЛЕЗНИЦИ, МУХАМЕД ЗЕЌИРИ И ХРВАТСКИ ФИРМИ ОБВИНЕТИ ДЕКА НЕЗАКОНСКИ ПРИСВОИЛE 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА

    ЗА ДЛАБИНСКО СНИМАЊЕ НА ПОШТА И МОЖНА ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ЖЕЛЕЗНИЦИ, МУХАМЕД ЗЕЌИРИ И ХРВАТСКИ ФИРМИ ОБВИНЕТИ ДЕКА НЕЗАКОНСКИ ПРИСВОИЛE 1,5 МИЛИОНИ ЕВРАЗеќири е обвинет за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластувањата, за што ако биде осуден, му се заканува затворска казна од пет години нагоре. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција, откако ја прошири истрагата против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, му поднесе обвинение за проневера на милион и четиристотини илјади евра буџетски пари. И Зеќири е обвинет за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластувањата, за што ако биде осуден, му се заканува затворска казна од пет години нагоре. Додатно, треба да ја врати сумата за која е обвинет дека ја оштетил државата.

    Тој минатата недела сведочеше во судот против неговиот претходник Драги Рашковски, во прилог на обвинението, и кажа: „Владата нема донесено одлука за набавка на софтверите на Рашковски за сообраќајни прекршоци и за биометриски податоци“. По пет дена од тоа сведочење против Рашковски, и Зеќири доби обвинение, и тоа за оштетување на Буџетот со многу поголема сума од таа на Рашковски.

    Обвинетиот како генерален секретар на Владата, со умисла, според обвинението, извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тој, во периодот од април 2021 до март 2022, како владин функционер спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и во два наврати, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка во која на конкурентен начин би се одбрало правно лице за спроведување на потребните активности, склучил два договора со две правни лица како даватели на услуги.

    Според Обвинителстото, на 04.05.2021 година, обвинетиот, без да спроведе постапка за јавна набавка, со умисла потпомогнат од осомничените хрватски државјани (недостапни на органите на прогон), склучил договор за консултантски услуги со фирма, на износ од 795.000 евра без ДДВ во денарска противвредност. Ова правно лице, во кое еден од осомничените хрватски државјани е соосновач и управител, било основано дваесет дена пред склучувањето на Договорот. По склучениот договор, правното лице склучило Договор за консултантски услуги за постапка на процена на вредноста, како и длабинско снимање на АД Пошта на Северна Македонија Скопје со вториот осомничен хрватски државјанин, за износ од 130.000 евра во денарска противвредност.

    Во критичниот период, во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ биле исплаќани парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100,00 денари, што го претставува износот согласно договорот зголемен за 18% ДДВ, а за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ.

    „Вториот – Договор за консултантски услуги е за поддршка во процесот на потенцијална приватизација на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје и бил склучен наредниот месец, односно на 23.06.2021 година, со друго правно лице како давател на услуги (консултант). Договорот бил со вкупна вредност во износ од 772.400 евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ. На сметка на ова правно лице Владата врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11.284.162,00 денари за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26.247.138,00 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, наведува Обвинителството.

    Со опишаните дејствија обвинетиот прибавил противправна имотна корист од значителна вредност за двете правни лица во вкупен износ од 89.385.255,00 денари, за колку и го оштетил Буџетот.

    Бидејќи уште постојат околностите врз основа на кои на обвинетиот му беше определена мерката куќен притвор, предметниот обвинител на судот му предложил нејзино продолжување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира