ФИЧ ГО ПОТВРДИ КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ НА МАКЕДОНИЈА НА ББ+ СО СТАБИЛЕН ИЗГЛЕД, БУЏЕТСКИОТ ДЕФИЦИТ И ДОЛГОТ ОСТАНУВААТ ПРЕДИЗВИК

    ФИЧ ГО ПОТВРДИ КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ НА МАКЕДОНИЈА НА ББ+ СО СТАБИЛЕН ИЗГЛЕД, БУЏЕТСКИОТ ДЕФИЦИТ И ДОЛГОТ ОСТАНУВААТ ПРЕДИЗВИКЕкономскиот раст за 2026 година е проектиран на 3,2 проценти, по забрзувањето на 4,3 проценти во вториот квартал благодарение на градежништвото и индустријата. (архивска фотографија)

    Кредитната агенција Фич го потврди долгорочниот рејтинг на Македонија на ББ+ со стабилен изглед, наведувајќи дека позицијата на земјата е поддржана од поволни индикатори за управување, повисок бруто домашен производ по глава на жител во однос на сличните економии, како и од доследна монетарна политика која го одржува де факто фиксниот курс на денарот кон еврото.

    Како поддршка на рејтингот се посочува и посветеноста на реформите поврзани со пристапниот процес кон Европската Унија, додека главни ограничувачки фактори остануваат малата големина на економијата, високиот јавен долг и дефицитот на тековната сметка.

    Според проценките на Фич, буџетскиот дефицит во 2026 година ќе достигне 4 проценти од БДП, со постепено намалување на 3,6 проценти до 2028 година. Владата ја ревидираше целта за буџетскиот дефицит за 2026 година од 3,5 на 4,1 процент поради зголемените расходи за плати во јавниот сектор, земјоделски субвенции и капитални инвестиции. Капиталните расходи во периодот јануари-јули забележаа раст од 40 проценти на годишно ниво, главно поради изградбата на автопатските коридори 8 и 10д.

    Агенцијата забележува дека целосната примена на Законот за буџети е одложена по третпат, овојпат за 2028 година, поради високите тековни и капитални потреби и недоволниот напредок во техничките подготовки. Законот предвидува лимит на буџетскиот дефицит од 3 проценти и јавен долг до 60 проценти од БДП.

    Државниот долг на крајот на 2025 година изнесувал 51,6 проценти од БДП, а проекциите се дека ќе се стабилизира на просечни 52,7 проценти во периодот од 2026 до 2028 година. Најголем дел од задолжувањето ќе се врши во странство преку еврообврзници и синдицирани заеми. Околу 62 проценти од долгот е во странска валута, претежно во евра, додека 76 проценти е со фиксни каматни стапки.

    Како дополнителен фискален ризик се наведуваат државните гаранции, кои во првата половина од годинава изнесуваат 6,8 проценти од БДП. Најголем дел од нив, односно 4,1 процент, отпаѓаат на Јавното претпријатие за државни патишта. По законските измени од јуни, претпријатието треба самостојно да ја финансира изградбата на коридорите, поради што ќе биде силно зависно од нови заеми со државни гаранции. Дополнително, заостанатите долгови на државните претпријатија изнесуваат 3,8 проценти од БДП.

    Економскиот раст за 2026 година е проектиран на 3,2 проценти, по забрзувањето на 4,3 проценти во вториот квартал благодарение на градежништвото и индустријата. Главни двигатели на растот се јавните инвестиции и приватната потрошувачка, додека нето-извозот има негативен придонес поради слабата побарувачка во ЕУ.

    Инфлацијата во периодот јануари-август во просек изнесуваше 3,7 проценти поради растот на цените на енергенсите предизвикан од војната на Блискиот Исток. Фич очекува просечната инфлација да изнесува 4 проценти во периодот 2026-2028 година, поттикната и од растот на платите и кредитната активност.

    Дефицитот на тековната сметка за целата година се очекува да достигне 5,5 проценти од БДП поради скапиот увоз на енергија и опрема за инвестиции. Странското задолжување ќе ги одржи девизните резерви на ниво доволно за покривање на 3,9 месеци увоз, а ликвидноста ќе биде поткрепена и со репо-линијата од Европската централна банка во вредност од 50 милијарди евра, која започнува во октомври.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира