Покрај освоените три градоначалнички места во првиот изборен круг на овие локални избори, денеска победија и градоначалниците на СДСМ во Центар, Зрновци и во Македонска Каменица, кажа вечерва лидерот на социјалдемократите Венко Филипче.
„Кандидатите за градоначалници од СДСМ и коалицијата во вториот круг, се соочуваа секојдневно со невидени притисоци и уцени, но тоа е ВМРО-ДПМНЕ“, критикуваше Филипче откако им ја честиташе победата на сите градоначалници.
Тој заклучи дека според гласовите на овие избори СДСМ е втора партија по освоените советнички листи и прва опозициона партија.
„Резултатите на овие избори покажаа дека владејачката партија никогаш повеќе нема да ги има резултатите од претходните избори“, рече Филипче.
Во кусиот говор во партиското седиште, тој најави конгрес и кадровски промени, но дека него нема тие промени да го опфатат.
„Јас кажав и минатиот пат дека нема да дадам оставка, бидејќи јас сум претседател многу краток период. Раководството ќе биде реконструирано во следниот период, ќе чуете во текот на следните денови“, кажа Филипче.
С. К. ДЕЛЕВСКА



