ФИЛМСКА ВЕЧЕР ВО КИНОТЕКАТА ВО ЧЕСТ НА 57 ГОДИНИ ОД ПОТПИШУВАЊЕТО НА ЕЛИСЕЈСКИОТ ДОГОВОР МЕЃУ ФРАНЦИЈА И ГЕРМАНИЈА

    ФИЛМСКА ВЕЧЕР ВО КИНОТЕКАТА ВО ЧЕСТ НА 57 ГОДИНИ ОД ПОТПИШУВАЊЕТО НА ЕЛИСЕЈСКИОТ ДОГОВОР МЕЃУ ФРАНЦИЈА И ГЕРМАНИЈААмбасадорите на Франција и Германија Кристијан Тимоние и Томас Герберих на ланското одбележување на годишнината од одбележувањето на потпишувањето на Елисејскиот договор во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Со вечерашната проекција на филмот „Тајната на дрвјата“ во режија на Лик Жаке во 19 часот во Кинотеката, Амбасадите на Франција и на Германија во Македонија ќе одбележат 57 години од потпишувањето на Елисејскиот договор помеѓу двете земји.

    Темата на филмот е џунглата како еколошки систем. Врз основа на густите шуми во Франција, Перу и Габон, се погледнува во историјата на еволуцијата, но, исто така, се упатува на опасноста што се крие во иднината доколку природата не се заштити соодветно.

    Елисејскиот договор е склучен на 22 јануари 1963 година помеѓу претседателот Шарл де Гол и канцеларот Конрад Аденауер. Со потпишувањето на Договорот, Франција и тогашната Сојузна Република Германија го затворија поглавјето на германско-француското заколнато непријателство, а отворија ново поглавје на пријателство и соработка кое трае веќе 57 години.

    „Со тоа започна една извонредна билатерална соработка помеѓу двете држави, практично во сите области: политика, одбрана, економија, младина и образование. Елисејскиот договор се спроведува преку редовни средби на владино ниво, но и на ниво на администрациите на двете земји, кои редовно применуваат взаемна размена на државни службеници и воспоставија меѓуминистерска комисија за соработка. Постојат голем број збратимени градови, а во тие рамки и соработка меѓу граѓанско-општествените организации,.
    Поради нејзиниот посебен карактер, француско-германската соработка игра важна улога во процесот на европската изградба, а со тоа на Франција и Германија им припаѓа и значајна улога во врска со македонското приближување кон Европската Унија. Француско-германското пријателство покажува дека надминувањето на предрасудите е можно и дека дијалогот и меѓусебното почитување на историјата, традициите, културата и јазикот на другиот претставуваат плоден развој за сите“, велат од Германската амбасада.

    Со потпишувањето на Елисејскиот договор беше основана и Француско-германската младинска организација (ОФАЖ), која оттогаш поврза голем број француски и германски млади луѓе. ОФАЖ реализира проекти и во други земи, а меѓу нив и во земјава.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира