ФИРМА БЕЗ ВРАБОТЕНИ СО ВЛОГ ОД 1.000 ЕВРА САКАШЕ ДА ГО ПРЕЗЕМЕ МАКПЕТРОЛ, КАЖА ПРВИОТ ЧОВЕК НА КОМПАНИЈАТА

    ФИРМА БЕЗ ВРАБОТЕНИ СО ВЛОГ ОД 1.000 ЕВРА САКАШЕ ДА ГО ПРЕЗЕМЕ МАКПЕТРОЛ, КАЖА ПРВИОТ ЧОВЕК НА КОМПАНИЈАТАСо тоа што „Балкан петролеум“ отворила сметка во „Стопанска банка Битола“, можеби некои работи ќе бидат појасни, вели претседателот на управниот одбор на „Макпетрол“ Андреа Јосифовски. (Фото: МИА)

    Претседателот на управниот одбор на „Макпетрол“ Андреа Јосифовски кажа дека неговата компанија се уште трпи штети од обидот за преземање од страна на офшор компанија без вработени и со основачки капитал од 1.000 евра  и најави дека ќе побара правна одговорност од надлежните државни институции Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии од вредност.

    Во јуни минатата година, „Балкан Петролеум“, компанија регистрирана во Лондон, основана од друга компанија од Кипар, понудила преземање на акциите на „Макпетрол“ по цена за 30% поголема од цената на берзата. На новинарска забелешка дека одредени имиња од врвот на претходната власт се вртеа во јавноста во врска со овој случај, тој рече дека со тоа што „Балкан петролеум“ отворила сметка во „Стопанска банка Битола“, можеби некои работи ќе бидат појасни.

    „Станува збор за офшор-компанија чијшто основачки капитал е 1.000 евра и која е основана еден месец пред да ја достави понудата за преземање. Таа компанија нема ниту вработени, ниту луѓе кои го познаваат овој бизнис, ниту склучила некоја зделка. Нè зачудува односот на двете надлежни институции, Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии од вредност. Компанијата не обезбеди банкарска гаранција и не депонираше средства за откуп на акциите, а Комисијата за хартии од вреднoст не ја отфрли понудата и сè уште не донела решение за претходно правно решение доставено од Централниот депозитар за хартии од вредност по овој случај. Поради тоа што предметот не е затворен, ‘Макпетрол’ трпи штети и е блокиран во одреден дел од работата“, изјави Јосифовски на денешната прес-конференција по повод 70 години од постоењето на компанија.

    Според него, во нормална правна држава, понудата од оваа компанија веднаш би била отфрлена од надлежните институции. „Балкан Петролеум“ била регистрирана на 28 мај 2016 година, а понудата за преземање на „Макпетрол“ ја дала веќе на 9 јуни. И фирмата од Кипар, основач на „Балкан Петролеум“ била основана во мај истата година, со двајца вработени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира