На советникот во Град Скопје Габриел Бајрам му е изречена мерка притвор, откако полицијата му поднесе кривична пријава за кривичното дело Насилство, соопшти МВР.
Од МВР велат дека Бајрам, кој е син на починатиот поранешен пратеник Амди Бајрам, вечерта на 28 јули, заедно со син му, во угостителски објект на подрачјето на Чаир физички нападнале вработен таму и оштетиле дел од инвентарот во објектот.
„Денеска (30.07.2022) по преземени мерки и активности од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава по брза постапка против Г.Б.(40) и В.Б.(21), за сторено кривично дело „насилство“, по чл.386 од Кривичниот законик. Тие на 28.07.2022 околу 23.30 часот во угостителски објект на подрачјето на Чаир физички нападнале едно лице вработено таму и оштетиле дел од инвентарот во објектот. Лицата се изведени пред судија на претходна постапка, од чија страна на Г.Б. му е изречена мерка притвор, а на В.Б. му се изречени мерки на безбедност“, се вели во соопштението.
Од Скопското обвинителство соопштија дека инцидентот се случил за време на семејна роденденска прослава, откако оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење.
„Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот“, велат од Скопското обвинителство.