Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски вели дека на граѓаните воопшто не им е гајле за уставна криза, во ситуација кога во земјата има криза на, како што кажа тој, секое поле.
На денешната седница за избор на нови уставни судии, Петрушевски ја коментираше изјавата на претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска од СДСМ, која рече дека опозицијата сака да предизвика уставна криза со тоа што ѝ поднела интерпелација.
„Ѝ е гајле на јавноста за уставната криза која што условно кажано е во најава, затоа што нема криза во која што ја воведовте државата како власт. Ние сме во енергетска криза и граѓаните не знаат како ќе ја презимат оваа зима. Луѓе дрва не можат да си купат во 21. век, да не збориме за гас, да не збориме за електрична енергија“, кажа Петрушевски на собраниската говорница.
Тој продолжи да реди: економска криза, финансиска криза, буџетска криза, образовна криза, собраниска криза, културна криза, идентитетска криза, транспортна криза, земјоделска криза, инфраструктурна криза, социјална криза, научна криза…
„И граѓаните ќе се замараат, уставна криза ќе имало, ма гајле им е за вашата уставна криза“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ претходно денеска ѝ поднесе интерпелација на пратеничката Георгиевска затоа што како претседателка на Комисијата за избори и именувања, без завршена комисиска расправа, до пленумот поднесе предлог за избор на двајца уставни судии. Според интерпелацијата, таа постапила противуставно и противделовнички.
Георгиевска на прес-конференција во Собранието одговори дека иницијативата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за нејзина интерпелација е со цел да се предизвика уставна криза во државата.
Уставниот суд во моментов има пет судии од вкупно девет, а наскоро уште една уставна судијка ќе оди во пензија и ќе нема кворум за работа. Собранието треба да избере тројца нови уставни судии, но комисиската расправа запна кај кандидатот Љубомир Јовески, актелниот државен обвинител и само двајца го поминаа комисискиот филтер.
М. ИЛИОСКИ