Седумдесетгодишен германски државјанин кој зборува турски јазик бил спасен откако се изгубил на планината Скопска Црна Гора, а прво се јавил на Германската служба за пат, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Изгубеното лице претходно било заглавено на планинскиот пат со возило „тигуан“ со германски регистерски ознаки. Продолжил да се движи пешки во правец кон некоја куќа којашто ја забележал во далечината додека се стемнувало, на околу 15-тина километри оддалеченост од него, но не стигнал до неа и се изгубил па се јавил за помош во Германија.
„По пријава од страна на дежурен вработен во АМСМ, а добиени податоци од Германската служба за помош на пат (којашто служба соработува и е слична со нашата АМСМ) во Центарот за управување со кризи беше добиена информација дека е изгубено повозрасно лице (70 години – германски државјанин којшто зборувал и на турски јазик) после село Блаце, на планината Скопска Црна Гора во правец кон селата Брест и Танушевци, со координати дадени на АМСМ од страна на Германската служба за помош на пат. Лицето немало јадено веќе еден ден и истото било уплашено за својот живот во мракот во планината. АМСМ имале контакт преку Германската служба за помош на пат за состојбата на изгубеното лице, но во момент на координацијата со Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК) немале можност за контакт со лицето. Затоа од страна на АМСМ во ЦУК биле дадени и два странски телефонски броја од изгубеното лице. Во потрагата биле корисни и дел од информации добиени на 112 во ЦУК од негови роднини“, соопшти ЦУК.
Во потрагата се вклучиле и екипи од полициските станици (ПС) Мирковци и Танушевци на коишто им била пренесена информација дека, согласно пријавените координати за изгубеното лице, можно е да се наоѓа во непристапен терен за што ќе има потреба од теренско моторно возило (со погон 4Х4) за да се стаса до него.
Од Центарот за информирање и команда (ЦИК) на МВР околу 19:30 часот известиле дека потрагата по изгубеното лице на падините на Скопска Црна Гора завршила успешно и дека лицето е пронајдено.