ГО НЕМА НИКАДЕ ОСУДЕНИОТ НА 10 ГОДИНИ ЗАТВОР РЕМЗИ МИФТАРИ ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ, ПО ОПЕРАЦИЈАТА ОД КИЛА НА ТЕСТИСИ

    ГО НЕМА НИКАДЕ ОСУДЕНИОТ НА 10 ГОДИНИ ЗАТВОР РЕМЗИ МИФТАРИ ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ, ПО ОПЕРАЦИЈАТА ОД КИЛА НА ТЕСТИСИКПУ ‘Идризово’ уште на 7.11.2025 година испрати известување до судијата за извршување на санкциите во Основниот суд Гостивар дека правосилно осудениот Ремзи Мифтари не се јави за одлежување на казната според дадениот рок во упатниот налог од тамошниот судија (Фото:СДК.МК)

    По наредбата од Гостиварскиот основен суд за присилно спроведување во затворот „Идризово“ на осудениот на 10 години затвор Ремзи Мифтари, виновен за катастрофалната сообраќајна несреќа кај Ласкарци кога загинаа 16 патници, полицијата се уште не може да го најде.

    Мифтари требаше да оди во затвор уште во мај. Тетовската полиција не го нашла дома. На прашање дали е извесно дека и Ремзи Мифтари избега од Македонија за да го избегне издржувањето на затворската казна за големата трагедија, оттаму ни рекоа дека граничните премини известиле оти ова лице не ја напуштило државата и поради тоа се смета дека се крие негде внатре. Дома не е, се врши потрага по него на повеќе локации.

    Наредбата за присилно спроведување ја дадов пред 3-4 дена. Уште немам известување ни од МВР, ни од КПУ ‘Идризово’ дека осудениот е најден и спроведен во затворот на издржување на казната“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК надлежниот судија за санкции во ОС Гостивар.

    Осуденото лице за кое прашувате, а за кое КПУ ‘Идризово’ веќе го извести надлежниот судија дека не се јавило во затворот во рокот на упатниот налог за затвор, се уште не е донесено“, ни рекоа и од  „Идризово“.

    КПУ ‘Идризово’ уште на 7.11.2025 година испрати известување до судијата за извршување на санкциите во Основниот суд Гостивар дека правосилно осудениот Ремзи Мифтари не се јавил за одлежување на казната според дадениот рок во упатниот налог од судијата.

    Мифтари и Белули влегувањето во затвор го одлагаат 7 месеци. Тие истовремено отидоа и на операција од кила на тестиси. На одговорниот за транспорт во „Дурмо турс“ Ремзи Мифтари одлагањето на казната одамна му истече, а газдата Дурмиш Белули добил ново одлагање, сега до први декември 2025 година. По истекот на одлагањето ќе мора и тој да се јави во „Идризово“.

    Двајцата добија правосилни пресуди уште на 9 мај годинава, но нивното затворање оди тешко. На 9 мај Апелациониот суд Скопје на газдата Дурмиш Белули повеќе од двојно му ја зголеми затворската казна, т.е. од четири, на десет години. На Ремзи Мифтари му ја зголеми од шест на десет години затвор.

    Автобуската несреќа се случи во 2019 година. Загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира