Велика Британија и Северна Македонија го зајакнуваат своето партнерство преку нов Договор за стратешки инвестиции, особено во инфраструктурата, најави британскиот амбасадор Метју Лосон во говорот по повод роденденот на британскиот крал.
Една од причините за зајакнување на ова партнерство, како што кажа амбасадорот, е тоа што Британија отсекогаш имала инстинкт да му се спротивстави на насилникот и додаде дека „ако не се спречи, ситното малтретирање расте експоненцијално“.
Тој вели дека ова партнерство ќе поттикне британски инвестиции кои далеку ќе го надминат досегашниот износ од две милијарди фунти годишно во билатерална трговија и инвестиции.
„Британските писатели и уметници отсекогаш нè потсетувале на нашиот инстинкт да му се спротивставиме на насилникот. Знаеме дека ситното малтретирање и тиранијата се две страни на иста паричка. Тоа почнува од мали нешта и, ако не се спречи, расте експоненцијално. Тоа е уште една причина зошто го зајакнуваме нашето партнерство со Северна Македонија и зошто ќе стоиме со Украина колку што е потребно“, рече амбасадорот Лосон.
Тој рече дека соработката се продлабочува во повеќе области, вклучувајќи ги безбедноста и одбраната, образованието, трговијата, енергетиката и културата.
„Во најдобар случај, ова е она што е партнерство. Взаемна посветеност на ангажман. И како и сите добри разговори, не се работи секогаш за согласување – се работи за разбирање“, додаде тој.
Амбасадорот се осврна и на трагичниот пожар во Кочани, нагласувајќи дека Неговото Височество Кралот беше еден од првите што испрати сочувство.
„За луѓето во Велика Британија, трагедијата предизвика сеќавања на нашиот сопствен пожар во Гренфел во 2017 година. Ние застанавме со вас: испративме тим за итна медицинска помош, кој работеше – и учеше – заедно со вашите исклучителни лекари и медицински сестри повеќе од два месеци“, рече Лосон.
На приемот во Музејот на современата уметност беше поставена и изложба на скулптури од Ричард Дикон, добитник на Тарнеровата награда, најпрестижната британска награда за современа уметност.
„Неговите скулптури се изложени низ целиот свет, но вечерва тие прават нешто повеќе од тоа само да исполнат простор. Тие создаваат простор. Дикон конкретно избра да ги постави своите дела во круг, околу централната скулптура на реномираниот македонски уметник Петар Хаџи Бошков. Не за да доминира, туку за да се вклопи. Како што рече тој, ‘се чувствуваше како разговор помеѓу скулптурите’“, кажа амбасадорот.