ГОДИНАВА НЕМА ДА ПОСКАПЕ СТРУЈАТА, НО АКО САКАМЕ ЗЕЛЕНА ЕНЕРГИЈА ЌЕ МОРА ДА ПЛАЌАМЕ ПОСКАПО, ВЕЛИ ЗАЕВ

    ГОДИНАВА НЕМА ДА ПОСКАПЕ СТРУЈАТА, НО АКО САКАМЕ ЗЕЛЕНА ЕНЕРГИЈА ЌЕ МОРА ДА ПЛАЌАМЕ ПОСКАПО, ВЕЛИ ЗАЕВЗаев денеска го презентираше Интервентниот инвестициски план, вреден 8 милијарди евра. (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека годинава не очекува да порасне цената на струјата, зборувајќи за инвестициите во енергетскиот систем во рамките на Интервентниот план за инвестиции 2021-2026, кој денеска го претставуваше на прес-конференција во Владата, заедно со министрите од економските ресори.

    „Инвестициите во обновливи избори на енергија треба сите да се знаат дека ќе ги чинат граѓаните како што е секаде низ светот, бидејќи ако сакаме здрава, зелена енергија таа чини поскапо. Но, државата ќе развие мал милион планови, посебно за социјално помагање на сиромашните граѓани преку посебни програми, каде што директно ќе интервенираме за да можат да го поднесат идниот раст на цените на струјата. Оваа година, уште еднаш напоменувам, не очекуваме раст на цената струјата заради тоа што имаме соодветни политики да правиме меко спуштање на либерализацијата во време кога приватните компании веќе се на слободниот пазар и не ја покриват празнината што се јавуваше за покривање на цената на струјата за домаќинствата“, изјави Заев.

    Но, вели тој, со соодветни стратегии поставени од државата ќе бидат предизвикани сериозни инвестиции во фотоволтаици, ветерници и гасни централи за да може соодветно да се направи транзиција на македонскиот енергетскиот систем.

    Вкупната вредност на Интервентниот план за инвестиции 2021-2026 изнесува повеќе од осум милијарди евра, кажа Заев на презентацијата.

    Над половина од оваа сума, како што кажа тој, се приватни инвестиции или грант донации од ЕУ, концесии и јавни приватни партнерства, во износ од 4,2 милијарди евра. Државни пари од буџетот, заедно со кредитни линии, ќе учествуваат со 3,8 милијарди во овој инвестициски план од 8 милијарди на Владата.

    Заев рече и дека моментов се постигнати договори или се пред постигнување договори за 30 нови странски инвестиции во ТИРЗ-овите и во индустриските зони.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира