Големата годишна награда за архитектура на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија (ААМ), а под покровителство на Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, беше доделена вчера во Музеј на Град Скопје. Наградата се доделува на најуспешното реализирано дело во календарската година.
За 2021 година добитник на годишната награда е објектот „Градинка во Волково“. Автор на идејното решение е архитектот Филип Конески, додека во разработката на основниот проект како коавтор му се придружуваат м-р Даница Спасевска и м-р Анета Мартулкова, во улога на соработници.
Објектот е лоциран на маргините на Волково, на возвишување, од каде се отвора поглед кон населбата и градот. Градинката е во завршна прва фаза, додека во втората фаза во иднина, се планира изведба на кровна градина.