Жителите на селата Трново, Добровница, Узем, Кркља, Варовиште, Дрење, Станци и околните места одржаа мирен протест пред Општина Крива Паланка за да го изразат својот револт поради долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на крупен добиток. Проблемот со кравите кои се движат без надзор трае повеќе од 15 години и предизвикува сериозни штети на приватните имоти и на земјоделските површини во овој дел од државата.
Поддршка на протестот даде и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој заедно со локалната самоуправа се приклучи на барањата на граѓаните. Жителите велат дека со години се соочуваат со уништени посеви, оштетени ниви и дворови, а загрозена е и нивната безбедност и егзистенцијата на семејствата кои живеат исклучиво од земјоделство. Дополнително, дел од оштетените граѓани пријавиле дека се соочиле со закани и уцени од страна на сопственикот на животните.
Претставниците на месните заедници велат дека пролетта е пред нив и дека стравуваат од нови уништувања на трудот. Тие бараат итно и трајно решение со кое ќе се воспостави ред и одговорност, а имотите ќе бидат заштитени од говедата кои влегуваат и во помошните објекти.
Истражувањето на БИРН од декември откри дека државата формално ги одзела животните од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и неговите три ќерки уште пред една и пол година, по измените на Законот за благосостојба на животните. Сепак, Агенцијата за храна и ветеринарство е сопственик на добитокот само во документацијата, додека на терен ситуацијата е непроменета и кравите и понатаму лутаат без надзор низ планинските предели, често преминувајќи ја и државната граница.
Целиот случај е следен со низа неуспешни правни постапки. Полициска пријава од 2018 година открила мрежа на соработници, вклучувајќи ветеринари и државни контролори, кои му овозможиле на сопственикот незаконски да подигне субвенции во износ од 70.000 евра. Иако случајот бил препратен до обвинителството за организиран криминал, истрага не била отворена со години. По измените на Кривичниот законик во 2023 година, делото за злоупотреба на службената положба застарело, а предметот бил вратен во обвинителството во Куманово.



