Поради најавениот екстремно студен бран со ниски температура во текот на наредните денови, Градот Скопје апелираше до граѓаните, куќните совети и до сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска и да го исчистат снегот од приодите до нивните објекти.
„Доколку навреме не се исчисти снегот од приодите до објеките, постои можност од појава на голомразица што ќе го отежни движењето на граѓаните и извршувањето на секојдневните обврски“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Најмногу снег денеска до 13 часот падна во Маврови Анови, каде има снежна покривка од 25 сантиметри, потоа Тетово со 18 и Скопје со 8. Од Управата за хидрометеоролошки работи најавија дека во попладневните и ноќните часови врнежите на снег ќе се прошират насекаде низ Македонија и на места ќе бидат поинтензивни. Снежна покривка ќе се формира секаде, на планините до 50 см, а во пониските места од 10-20 см. Во Скопје ќе биде облачно со врнежи од снег, кои повремено ќе се интензивираат и се очекува снежна покривка до 20 см.Температурата ќе биде околу нула степени.