ГРИЖАТА ЗА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ ЌЕ СЕ ПРОШИРИ НА ГРИЖА ЗА ЦЕЛАТА ДИЈАСПОРА СО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, ВЕЛИ ДИМИТРОВ

    ГРИЖАТА ЗА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ ЌЕ СЕ ПРОШИРИ НА ГРИЖА ЗА ЦЕЛАТА ДИЈАСПОРА СО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, ВЕЛИ ДИМИТРОВМинистерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната прес-конференција рече дека патот кон ЕУ и НАТО води преку Договорот со Грција и таква е реалноста и дека сите светски лидери, вклучително генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и германската канцеларка Ангела Меркел, укажале дека за земјата нема план Б. (Фото:СДК.МК)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека со четири амандмани ќе се менува Уставот, амандмани ќе се формулираат со двотретинско мнозинство во Собранието и ќе се организира јавна дебата. Тие не се договорени, ниту се сега формулирани.

    „Со четири амандмани ќе се интервенира во Уставот. Едниот се однесува на географската одредница Северна, која ќе се додаде кон името Македонија. Вториот се однесува на границите и се однесува тие да не се чепкаат и се гарантира неменливост на границите и немање територијални претензии. Третиот амандман се однесува за грижата за македонското малцинство во соседните земји, ќе се прошири на грижа за целата дијаспора во светот. Со четвртиот амандман ќе се интервенира во Преамбулата. Нема да се менува државно правниот наратив од Илинденското востание и заседанието на АСНОМ, до референдумот за независност од 8 септември 1991 година, туку ќе се наведат поединечно сите одлуки на АСНОМ“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната прес-конференција.

    На новинарско прашање, дали со измените во однос на малцинствата, тие се изедначуваат со дијаспора, Димитров рече дека се работи за изедначување на Уставот со што тој ќе се приближи кон европското уставно компаративно право.

    Министерот Димитров на прес-конференцијата тој детално ги појасни сите аспекти од договорот, бидејќи, на средбите со граѓаните, увидел оти има многу дезинформации околу договорот за решавање на спорот за името со Грција.

    Тој повтори дека во однос на географската одредница, се додава Северна кон името Македонија.

    Државјанството ќе биде македонско/државјанин на Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи. Официјалниот јазик ќе биде македонски јазик.

    „Од 1977 година е признат македонскиот јазик. Но поради проблемот со името, ние немаме со Европската унија потпишано ниту еден договор на македонски јазик. Сега македонскиот јазик ќе биде признат и со ЕУ ќе комуницираме на македонски јазик“, рече Димитров.

    Меѓународните кодови остануваат МК и МКД со исклучок на регистарските таблички кои ќе ја имаат кратенката „НРМ“.

    Димитров потенцираше дека за нас термините Македонија и македонски ја означуваат нашата територија, нашиот македонски народ, со сите одлики и атрибути со нашата историја, култура со наше културно наследство.

    „Овде се идентитетските прашања. Нашето право на самоопределување и самоидентификација. Факт е дека ова парче земја е дел од географски поширокиот регион на Македонија, има дел и во Грција и во Бугарија. Македонија се однесува на нашата територија, народот е македонски со сите одлики“, кажа Димитров.

    Министерот Димитров рече дека патот кон ЕУ и НАТО води преку Договорот со Грција и таква е реалноста и дека сите светски лидери, вклучително генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и германската канцеларка Ангела Меркел укажале дека за земјата нема план Б.

    Гаранциите за прием на Македонија во НАТО се цврсти, бидејќи договорот од Преспа не може да влезе во сила ако Грција во Парламентот не го ратификува и не ги донесе протоколите за членство на Македонија во НАТО.

    Г. ТРПЕНОСКИ 

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира