Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска околу пладне треба да дојде во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) каде што продолжува распитот на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, осомничени во случајот „Талир“, за перење пари при финансирање на партијата, јавува агенцијата Мета.
Адвокатот Никола Додевски, кој е бранител на повеќето осомничени во случаите што ги води СЈО е сведок во случајот „Талир“. Ова значи дека тој нема да може да ги застапува осомничените во овој случај, па ни лидерот на партијата Никола Груевски.
Покрај Груевски, кој е првоосомничен во случајот, од СЈО покани им се испратени и исказ треба да дадат и пратеникот Илија Димовски, Кирил Божиновски и Мартин Протогер, кои се дел од 11-те осомничени за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.
Во петокот, минатата недела, во СЈО на распит беа генералниот секретар на партијата и поранешен технички премиер, Емил Димитриев, пратеничката Даниела Рангелова и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Тројцата по излегувањето од просториите на СЈО изјавија дека не дале исказ, туку побарале увид во доказите и веднаш штом ги добијат ќе се произнесат по кривичните дела за кои ги товари СЈО.