Министерката за финансии Нина Ангеловска бара со паметни политики и создавање еднакви можности да се обезбеди поголема вклученост на жените во претприемништвото, за да се придонесе кон поголем економски раст. Таа на првиот мастерклас „е-трговија за жени“, кој викендов се оддржа во Скопје во организација на Конференцијата за трговија и развој на Обединетите нации (УНКТАД) и во присуство на 50-тина жени-претприемачки, рече:
„Сакам да ги охрабрам сите жени да целат високо, да веруваат во себе, да го искористат потенцијалот на технологиите и дигитализацијата и постојано да се надоградуваат. Поради пониското учество на жените на пазарот на труд, регионот губи 20 отсто од растот на бруто домашниот производ, а земјава 16 отсто, покажуваат податоците на Светска банка. Според ова треба да креираме паметни политики за поголема вклученост на жените, еднакви шанси и можности за сите кои ќе придонесат за поголем економски раст“, рече Ангеловска.
Според министерката, жените не смеат да се откажуваат пред проблемите, туку да наоѓаат решенија користејќи ги технологиите, својот потенцијал, знаење и грижливост.
Таа како една од седумте жени амбасадори за е-трговија избрана од УНКТАД беше домаќинка на жените претприемачи на првиот мастерклас за е-трговија, кој потоа прдолжува во Кина, Индонезија, Иран, Мексико, Руанда и Брегот на Слоновата Коска.
„Жените претприемачи се соочуваат со бројни бариери како пристап до финансии, вештини и поддршка за раст на бизнисот, што се случува особено во земјите во развој. Целта на иницијативата е да се креира силна мрежа на жени и да ги испирира жените да ги искористат можностите и да се вклучат во дигиталната економија“, рече Канденс Нкот Бисек, проектен менаџер на иницијативата „е-трговија за жени“ на УНКТАД.