Хуманитарна трка за лицата со Даунов синдром се одржа денеска во Градскиот парк во Скопје. На трката учествуваа деца со Даунов синдром, нивните семејства и пријатели, но им се придружија и стотина граѓани кои за котизација од 200 денари истрчаа еден километар низ Градскиот парк.
Трката беше организирана по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром 21 март.
Ова е почеток на низата активности што Центарот за Даунов синдром ги прави за подигање на јавната свест за односот кон лицата со Даунов синдром во Македонија.
В понеделник на оваа тема во Кинотекатата на Македонија во Скопје ќе бидат промовирани неколку кратки видео записи и ќе се отвори изложбата фотографии „Нераскажани приказни“ на фоторепортерот Огнен Теофиловски.
Ќе биде презентирано и видеото на УНИЦЕФ во кое се јавува фармацевтскиот техничар со Даунов синдром Нина Костова.
Организаторот ги повикува сите што ќе дојдат в понеделник да облечат шарени чорапи и да излакираат шарени нокти за да покажат солидарност со лицата со Даунов синдром.
Годинашниот Светски ден на лицата со Даунов синдром се одбележува под мотото #MyVoiceMyCommunity – оспособување на луѓето со Даунов синдром да проговорат, да бидат чуени и да влијаат на владините политики и дејствувања, да бидат целосно вклучени во заедницата.