Кривичниот совет во Кривичниот суд Скопје ја прифати гаранција за укинување на мерката притвор во предметот „Државна лотарија“ понудена од Перпарим Бајрами, првообвинет во ова обвинение. Тој предлогот го поднел на 14 октомври за замена на мерката притвор со гаранција, понудена е гаранција во износ од 1.140.781 евра во недвижен имот.
Основоното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на 13 август поднесе обвинителен предлог против Бајрами за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, за кое е предвидена казна затвор до 5 години. По предлог на надлежното обвинителство, на обвинетиот му беше определена мерка притвор по неговото пронаоѓање и лишување од слобода, имајќи предвид дека претходно не им беше достапен на органите на прогонот.
Согласно законските одредби од Законот за кривичната постапка, притворот во конкретниот случај не може да трае подолго од 60 дена. Обвинетиот на 9 септември сам се јави на издржување на мерката притвор во Казнено-поправната установа (КПУ) Затвор Скопје, поради што законскиот рок за траење на притворот истекува на 8 ноември.
„Имајќи ги предвид сите околности, Советот ја прифати понудената гаранција, а со цел обезбедување на присуството на обвинетиот во текот на судската постапка, истовремено му определи и дополнителни мерки за претпазливост, и тоа: одземање на патната исправа и забрана за издавање нова исправа за преминување на државната граница, како и обврска за редовно јавување во Судот. Против решението надлежниот јавен обвинител, како и останатите странки во постапката, се откажаа од правото на жалба и истото стана правосилно денеска. По впишувањето на хипотеката во Катастарот на недвижности, обвинетиот ќе биде ослободен од КПУ Затвор Скопје“, соопшти Кривичниот суд.
На сите обвинети во предметот „Државна лотарија“ им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, што како што се тврди во обвинителниот предлог, ги сториле во 2023 и 2024 година. Пропишаната казна за овие кривични дела е од една до пет години затвор.
С. К. ДЕЛЕВСКА



