И СО НОВИОТ ЗАКОН ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ СЕ ОСТАВА МОЖНОСТ ЗА КОРУПЦИЈА ПРИ ПРАВЕЊЕ НА ПЛАНОВИТЕ, ВЕЛАТ АРХИТЕКТИТЕ И ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

    И СО НОВИОТ ЗАКОН ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ СЕ ОСТАВА МОЖНОСТ ЗА КОРУПЦИЈА ПРИ ПРАВЕЊЕ НА ПЛАНОВИТЕ, ВЕЛАТ АРХИТЕКТИТЕ И ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИМинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека со новиот закон ќе се стави ред во планирањето и узурпирањето на градежното земјиште, имајќи предвид дека претходните законски решенија внесувале хаос во градежништвото; - Од јавната расправа во Собранието. (Фото: К. Попов)

    Новиот Законот за урбанистичко планирање има низа недоречености, што остава можност да продолжи корупцијата при правењето на Деталните урбанистички планови, рекоа денес архитектите и претставниците на граѓанските здруженија на јавната расправа во Собранието по Предлог-Законот за урбанистичко планирање. Според Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, архитектурата е маргинализирана со овој закон и при неговото изготвување никој од Асоцијацијата не бил поканет да учествува.

    „Главната алатка за корупција е бруто површината, која со овој закон не е дефинирана. Мора да се предвиди да има јавен конкурс кога станува збор за уредување на државно земјиште. Со тоа што се предвидува партиципативното тело да дава мислење кое не мора да се почитува, само си играме демократија“, рече Пановски.

    Според Татјана Чакулев од О2 Иницијатива, овој предлог-закон има низа недоречености и треба во него да има одредби за усогласување со Законот за урбано зеленило.

    „Не е усогласен со Законот за урбано зеленило, со кој на секоја градежна парцела треба да има 20 отсто зеленило. Кој ќе ги натера при изработување на плановите ако нема таков член да го почитуваат тоа? Се остава простор за манипулации. Се вели дека ако Деталниот план е поништен од Уставен суд, ако во рок од една година не се донесе нов, ќе важи постојниот. Дали тоа ќе важи и за плановите во Карпош кои беа поништени?“, рече Чакулев.

    Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека со новиот закон ќе се стави ред во планирањето и узурпирањето на градежното земјиште, имајќи предвид дека претходните законски решенија внесувале хаос во градежништвото.

    „Во овој закон по првпат дефинираме рокови за завршување на постапката за донесување на планови  Се воведува член за супендирање на план со рок не подолг од една година, за кој период треба донесувачот на планот да донесе нов план. Го зајакнуваме инспекцискиот надзор и надлежностите на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам со воведувањето на регионални урбанистички инспектори“, рече министерот Сугарески.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира