Врховниот судија Наќе Георгиев се спогоди со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во врска со случајот за земање мито од синот на ексградончалникот на Ново Село Боро Стојчев и прифати да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.
Вчера, во истиот случај, спогодба со обвинителството склучи и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кој доби една година затвор условно и истата Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.
Георгиев и Мемети беа осомничени дека му барале мито од 30.000 евра на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев за да му помогнат на татко му во друга истрага што исто така се води во ОЈО ГОКК. Синот видел дека го лажеле двајцата, па ги пријавил во МВР, каде што му дале обележани банкноти. Кога на 20 мај синот му ги дал бележаните пари на рака на Георгиев, се појавила полицијата и го фатила Георгиев на дело.
Од ОЈО ГОКК денеска соопштија дека Георгиев не спори дека го сторил кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а вчера и Мемети призна вина.
Како што соопштија од обвинителството, синот на ексградоначалникот првин во април му дал 5.000 евра на Георгиев во Струмица, а потоа уште бележани 10.000 евра во мај, кога беше и апсењето на врховниот судија кај хотел ВИП во Скопје.
„Судија во Врховен суд на РСМ, со искористување на своето претпоставено влијание, службена и општествена положба и углед, за наводна интервенција во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во два наврати директно побарал и примил награда од вкупно 15.000 евра во денарска противвредност од 922.500,оо денари. Откако на почетокот на месец април 2024 година, сведокот, против чиј татко се водела постапката, побарал помош од Н.Г, тој, како награда за да ги утврди околностите за интервенирање во кривичната постапка, побарал 5.000 евра од сведокот кои му биле предадени на Н.Г во неговиот дом во Струмица. На средбата Н.Г му рекол на сведокот дека ќе се обиде да издејствува минимална затворска казна од три години затвор за неговиот татко. Потоа сведокот и Н.Г. имале уште неколку средби и на една од нив Н.Г му кажал на сведокот дека за сума од 30.000 евра преку осудениот И.М. кој е заменик претседател и член на Советот за јавни обвинители наводно ќе интервенираат да се спроведе постапка за спогодување со неговиот татко – осомничен во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичен законик. Притоа Н.Г појаснил дека при утврдување на видот и висината на казната на татко му ќе му биде предложена и утврдена казна затвор од пет години, како минимална казна за предметното кривично дело, напоменувајќи му на сведокот дека доколку не се интервенира, татко му, по поднесен обвинителен акт, во судска постапка ќе добие многу поголема затворска казна и дека за цело времетраење на постапката, ќе му биде продолжувана мерката притвор. Осомничениот Н.Г. му ветил на сведокот дека во иднина преку неговото реално влијание, службена и општествена положба и углед како судија во Врховниот суд, преку други лица, ќе интервенира, тогаш веќе осудениот татко на сведокот, да добива погодности во текот на издржувањето на казната затвор, а по исполнувањето на условите да добие и условен отпуст од издржување на затворската казна. За да ги поткрепи своите ветувања осомничениот Н.Г. во три наврати во присуство на сведокот, преку апликацијата Ватсап комуницирал со осудениот И.М, кој разговор го слушал и сведокот, кога осудениот И.М кажал дека наводно се преземени сите дејствија за интервенирање за да биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодбата така како што ветувал осомничениот Н.Г.“, објаснуваат од ОЈО ГОКК.
Оттаму додаваат дека по постигнатиот договор и наводните преземени дејствија за интервенирање, Георгиев и синот на ексградоначалникот се договориле наградата да му биде дадена по потпишувањето на предлог спогодбата и нејзиното одобрување од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, со што би се потврдило нивното влијание.
„Откако спогодбата со осомничениот татко на сведокот била потпишана и потврдена од судот на 20.05.2024 година, осомничениот Н.Г и сведокот истиот ден се сретнале на паркинг просторот кај Хотел Вип. Осомничениот Н.Г кој пристигнал со ПМВ Ауди А6, излегол од истото и влегол во возилото на сведокот, ПМВ Пасат и по краток разговор, сведокот му предал бело хартиено плико во кое имало половина од наградата, во износ од 10.000 евра. Осомничениот Н.Г. го ставил пликото во внатрешен џеб од неговото сако, излегол од возилото и се вратил во неговото возило. Во тој момент овластени полициски службеници пристапиле до возилото на врховниот судија кој седел на возачкото место и во еден момент тој го извадил пликото со паричните средства и го ставил помеѓу возачкото и совозачкото седиште каде при преглед на возилото биле пронајдени 10.000 евра кои претходно биле крим- технички обработени“, велат од ОЈО ГОКК.
Во казната на судијата Георгиев ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде упатен на издржување на казната затвор. Дополнително, бележаните 10.000 евра кои што беа пронајдени во возилото на осомничениот ќе бидат вратени на синот на ексградоначалникот, а останатите 5.000 евра ќе бидат конфискувани во корист на Буџетот на РСМ како стекната имотна корист од кривично дело.
Од Основниот кривичен суд соопштија дека судија на претходна постапка ја прифати спогодбата меѓу обвинителството и осомничениот Георгиев.