Дојде време во процесот за пристап во Европската Унија да добиеме посилна политичка поддршка од сите европски институции, рече премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Скопје.
„Ние ги завршуваме нашите обврски, ги спроведуваме реформите што се очекуваат од една земја, понекогаш навреме, понекогаш малку и доцниме, но сепак ги завршуваме како земја којашто сака да стане членка на Европската Унија. На денешната средба напоменав дека очекуваме да биде вклучена и Европската Унија во овој процес. И не бараме од Унијата да заземе страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања. Ако од нас се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да очекуваме и јасна европска перспектива за она што следи потоа. Нашата цел не е да го оддолжуваме процесот, туку да создадеме услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа“, рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање како ќе се одблокира спорот со Бугарија која стави вето и бара Макеоднија да го смени Уставо за да го внесе и бугарското малцинство, Мицкоски рече дека од претседателката Фон дер Лајен добил совет министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски да побара билатерална средба со бугарската колешка Велислава Петрова-Чамова.
„Наредната недела нашиот министер за надворешни работи Тимчо Мицунски е во Софија, причина за тоа е Коридорот 8 и проектите коишто ги движиме во рамки на тој Коридор 8. Да побараме од домаќинот средба на билатерална основа, јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме процесот од некаде да го движиме“, рече Мицкоски.
Фон дер Лајен рече дека Македонија не добила акциски план за пристапување во ЕУ зашто патокази добиле оние држави коишто веќе се длабоко навлезени во пристапниот процес и ги отвараат и затвораат поглавја. Таа рече дека сега има само еден клучен чекор којшто треба да го направи Македонија за да може да се придвижи напред и да го отвори првиот кластер во преговорите за влез во Европската Унија.
А. АНТЕВСКА



