„МИСЛЕЛ ДЕКА Е МРТВА, ПА БАРАЛ КАКО ДА СЕ ОСЛОБОДИ ОД НЕЈЗИНОТО ТЕЛО“, СВЕДОЧИ МАЈКАТА НА ПРЕТЕПАНАТА САРА ОД ОХРИД, ТЕПАЧОТ ДОБИ КРИВИЧНА

    „МИСЛЕЛ ДЕКА Е МРТВА, ПА БАРАЛ КАКО ДА СЕ ОСЛОБОДИ ОД НЕЈЗИНОТО ТЕЛО“, СВЕДОЧИ МАЈКАТА НА ПРЕТЕПАНАТА САРА ОД ОХРИД, ТЕПАЧОТ ДОБИ КРИВИЧНАОд болницата „Св. Еразмо“ во Охрид велат дека по извршените дијагностички прегледи, кај девојката биле констатирани телесни повреди, хематоми и нагмеченици (Фото: СДК.МК)

    Потресно сведоштво објави мајката на Сара, девојката која по бруталниот напад во Охрид заврши во болница, откако била пронајдена без свест и со видливи повреди. Во објавата на социјалните мрежи, Ирена Ѓорѓиеска вели дека нејзината ќерка сè уште се наоѓа во болница и дека покрај борбата за закрепнување, живее во страв за сопствената безбедност.

    Според нејзиното сведоштво, напаѓачот Кристијан од Охрид, откако ја претепал Сара до бессознание, наводно мислел дека таа е мртва. Мајката тврди дека во тој момент тој стапил во контакт со својот татко и побарал помош како да се ослободи од нејзиното тело.

    „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“, се наведува во објавата, при што мајката тврди дека овие зборови Сара ги слушнала додека била во крајно беспомошна состојба.

    Таа тврди и дека претходно телефонот на Сара бил намерно искршен, со што, според неа, ѝ била одземена можноста да повика помош.

    Уште еден особено тежок навод во сведоштвото е дека во моментот кога Сара била повредена, лица од опкружувањето на осомничениот наводно одбивале да ја однесат во болница, иако таа самата барала помош.

    Мајката во објавата наведува и дека Кристијан наводно побарал нож и сакал да ја „докрајчи“.

    Според нејзиното сведоштво, Сара се освестила пред тој да успее да ја однесе на друго место.

    „Најголемата среќа во целата оваа трагедија е што Сара дошла при свест пред напаѓачот да успее да ја однесе и да ја фрли во некоја провалија. Токму затоа, кога сфатил дека таа се освестила, ја фрлил на улица“, пишува мајката.

    Девојката потоа била пронајдена на улица пред маркет и итно пренесена во болница, каде што била хоспитализирана поради сериозноста на повредите.

    Во својата објава, мајката наведува дека тетката на Кристијан, инаку мајка на две ќерки, ја контактирала болницата во која била сместена Сара, со цел, како што тврди таа, да се влијае врз медицинскиот извештај и да се ублажи сериозноста на повредите.

    Мајката воедно посочува и на семејните врски на осомничениот. Таа наведува дека неговата мајка, Љубинка Корабоска, била поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), додека таткото е инспектор во УЈП.

    „Дополнителна вознемиреност и страв предизвикува фактот што маминото синче кое е виновно за се ова синоќа било пуштено на слобода, тој е син на Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), предложена на таа функција од ВМРО-ДПМНЕ и на Гоце Корабоски, инспектор во УЈП, за кого се зборува дека има блиски релации со Мицкоски. Маминото синче постојано се фалело дека, без оглед на тоа што ќе се случи, неговите родители се доволно моќни за ‘да средат‘ сè. До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има партиски врски, моќни родители и познанства?“, прашува таа.

    СВР Охрид денеска поднесе кривична пријава против К. К. (31) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело тешка телесна повреда по член 131, став 3 од Кривичниот законик.

    „На 15.11.2026 околу 02:00 часот, по претходна расправија која започнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил, пријавениот во возилото физички ја нападнал неговата 26-годишна девојка од Охридско. Откако го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала, по што била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата ‘Св. Еразмо‘ во Охрид, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди. Преземени се мерки и набргу по настанот, во 05:05 часот, К. К. е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По барање на ОЈО, Основен суд во Охрид донесе решение и му изрече мерки на претпазливост“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

    Пријава за „загрозена безбедност“ по семејството од страна на таткото на Сара пријавила и мајката на осомничениот, Љубинка Корабоска.

    „Во врска со настанот, на 15.11.2026 во 08:50 часот во СВР Охрид, Љ. К. (51) од Охрид, мајка на К. К., пријави дека Љ. Ѓ. (49), татко на девојката, на мобилен телефон упатил закани на нејзиниот син К. К. и на целото семејство, по што истиот ден во 13:20 часот во Охрид и тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Против него, исто така, ќе биде поднесен соодветен поднесок“, вели Димоски.

    Од болницата „Св. Еразмо“ во Охрид велат дека по извршените дијагностички прегледи, кај девојката биле констатирани телесни повреди, хематоми и нагмеченици. Во моментов таа дава исказ пред надлежното обвинителство, по што се очекува да биде отпуштена од болница.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира