ФРАНЦИЈА Е ПОДГОТВЕНА ДА ПОМОГНЕ ДА НЕМА НОВИ БИЛАТЕРАЛНИ УСЛОВИ НА МАКЕДОНСКИОТ ПАТ КОН ЕУ, ВЕЛИ ФРАНЦУСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ЕВРОПА БЕНЖАМИН ХАДАД

    ФРАНЦИЈА Е ПОДГОТВЕНА ДА ПОМОГНЕ ДА НЕМА НОВИ БИЛАТЕРАЛНИ УСЛОВИ НА МАКЕДОНСКИОТ ПАТ КОН ЕУ, ВЕЛИ ФРАНЦУСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ЕВРОПА БЕНЖАМИН ХАДАДФранцускиот министер предупреди дека не смее да се дозволи среде континентот да останат области отворени за дестабилизација и странски влијанија. (Фото: Фејсбук)

    Франција е подготвена да помогне во деблокирањето на македонскиот евроинтегративен процес и заедно со Европската комисија и сите партнери да работи на испраќање јасна порака дека по имплементацијата на постојниот договор нема да има дополнителни билатерални услови, рече францускиот министер за Европа, Бенжамин Хадад во вечерашното ексклузивно интервју за емисијата „Надворешна – Светот во дијалог“ на МРТ, кое е негово прво обраќање за македонската јавност.

    Хадад рече дека Париз сака да внесе повеќе доверба и сигурност во процесот, но додаде дека Владата во Скопје има одговорност да ги имплементира преземените обврски од договорот, кој не може да се менува.

    Според него, истовремено е легитимно јасно да се каже дека по спроведувањето на тие мерки ќе се отворат преговорите и земјата ќе продолжи по нормален пат со реформи, усогласување на законодавството, отворање кластери и затворање поглавја, без нови дополнувања и чекори надвор од вообичаената процедура што ја поминува секоја земја кандидат. Тој смета дека ваквата порака мора недвосмислено да ја испратат сите 27 земји членки на Унијата.

    Во однос на новата комуникација на Европската комисија за проширувањето, францускиот министер вели дека постепената интеграција не претставува замена за полноправно членство, туку им овозможува на земјите кандидати да користат низа придобивки додека го чекаат приемот.

    Тој предупреди дека не смее да се дозволи среде континентот да останат области отворени за дестабилизација и странски влијанија, потсетувајќи дека Скопје, Сараево и Белград се географски поблиску до Париз отколку Украина. Со потсетување на крвавиот распад на регионот пред три децении, Хадад рече дека патот кон Европската Унија е најдобриот начин да се обезбедат мир и стабилност во овој дел од светот.

    Коментирајќи ги внатрешните состојби во Унијата, растот на крајната десница и прогнозите за победа на Марин Ле Пен на пролетните избори, Хадад рече дека таа и во минатото често водела на анкетите, но на крајот не ја добивала довербата од гласачите, изразувајќи уверување дека француските граѓани веруваат во европската идеја и нема да поддржат изолационизам.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира