Членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети призна дека го сторил кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание и се спогоди со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да добие условна затворска казна од една година, која што нема да ја отслужи ако во наредните три години не направи ново кривично дело. Дополнително, согласно спогодбата, ќе му биде изречена Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години, ако судот ја прифати спогодбата. Тој до Собранието веќе поднел неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители.
Станува збор за случајот со притворениот врховен судија Наќе Георгиев, кој е осомничен дека заедно со Мемети, му ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во друга истрага што исто така се води во ОЈО ГОКК. Синот видел дека го лажеле двајцата, па ги пријавил во МВР, каде што му дале обележани банкноти. Кога на 20 мај синот му ги дал бележаните пари на рака на Георгиев, се појавила полицијата и го фатила Георгиев на дело.
„Соочен со прибраните докази, осомничениот И.М. со самото потпишување на предлог – спогодбата ја призна вината, односно не го спори кривичното дело што му се става на товар и е согласен со предложената кривична санкција. Според описот содржан во диспозитивот на предлог – спогодбата тој, по претходен договор со првоосомничениот Н.Г. го искористил своето реално влијание, службена положба и углед како заменик претседател и член на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија и на неутврден датум, во текот на месец април и мај 2024 година, преку Н.Г. му пренел на сведокот дека наводно интервенирал да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши – поднесување на обвинителен акт во врска кривична постапка против таткото на сведокот осомничен за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичен законик. За кривичниот предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против таткото на сведокот, И.М бил претходно запознаен од страна на Н.Г. При неколкукратна меѓусебна комуникација преку интернет апликацијата Ватсап Н.Г. во присуство на сведокот разговарал со И.М кој не знаел дека разговорите ги слушал и сведокот. Во еден од тие разговори, сведокот дознал дека наводно од страна на И.М. бил даден налог за спогодување со таткото на сведокот и дека ќе биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодба со осомничениот – татко на сведокот. Притоа на сведокот од страна на осомничениот Н.Г. му било предочено дека при утврдување на видот и висината на казната ќе биде предложена и утврдена казна затвор од 5 (пет) години, како минимална казна за предметното кривично дело, која како таква подоцна ќе биде и одобрена и дека истата е резултат на нивната интервенција“, велат од ОЈО ГОКК за спогодбата.
Од обвинителството велат дека Мемети во присуство на неговиот бранител свесно и доброволно ја прифатил Предлог – спогодбата и последиците што произлегуваат од неа и се откажал од правото на жалба доколку се донесе Пресуда со која се прифаќа предлог- спогодбата.
Предлог-Спогодбата со сите прибрани докази е доставена до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје кој треба да закаже рочиште за оцена на предлог – спогодбата и доколку истата биде оценета како прифатлива, надлежниот суд ќе донесе пресуда која се заснова врз предлог-спогодбата.