Седницата на собраниската Комисија за надворешна политика, на чиј дневен ред e бранењето тези на 10-мина идни македонски амбасадори во странство, е затворена за јавноста. Претседавачката на комисијата Ивана Туфегџиќ по отворање на седницата кажа дека поради тоа што некои амбасадори ќе изнесуваат класифицирани информации, според закон и деловник, седницата ќе биде затворена за јавност.
Ова е прв пат амбасадорите да ги бранат тезите тајно. Во досегашната практика овие седници биле отворени за јавноста.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев реагираше на доцнењето на почетокот на седницата и итното закажување, бидејќи тоа значело непочитување на гостите, но и на членовите на комисијата. На денешната комисија, тези треба да бранат Игор Џундев, амбасадор во меѓународните организации во Виена, Горан Стевчевски во Унгарија, Оливер Крлиу во Мадрид, Ненад Колев во Виена, Абдулкадар Мемеди во ОАЕ, Сузана Зеленковска во Словенија, Екрем Ебиби во БиХ, Рамадан Азифи во Германија, Крум Ефремов во Украина и Мира Крајачиќ во Шведска.
Комисијата е закажана од претседателот на Собранието Талат Џафери, а претседател на комисија е Антонијо Милошоски, но Џафери ја назначи Туфегџиќ за претседавачка.
Г. ТРПЕНОСКИ