Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека министри од Владата биле цел на хибридни закани изминативе денови во обид да се сруши македонската позиција во однос на францускиот предлог за преговарачка рамка и заклучоци на Европскиот совет. На денешниот брифинг со новинарите, тој кажа дека тоа можеби е за кривична одговорност. Според Османи, некои делувале организирано за рушење на македонската позиција, а некои го прифатиле наративот од наивност.
„Имавме хибридни закани за министри и политички партии со кои се обидуваше да се урне нашата државна стратегија и државните позиции за спорот со Бугарија, кои може да се исчитаат во контекст на кривични постапки. Некој се обидуваше да ја урне нашата позиција. Тие хибридни закани треба да се истражат, да се види дали се дел од некои сценарија, бидејќи можно е некои да избрзаа од наивност, но некои учествуваа свесно и организирано“, рече Османи.
Пред вчерашната прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски во Брисел по самитот ЕУ-Западен Балкан, имаше целосен молк од македонските институции за францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции. Според Османи, тоа било направено во консултација со нашите партнери кои сугерирале дека не треба да влијаеме ниту позитивно, ниту негативно, до завршувањето на гласањето доверба на бугарската влада во вторникот вечер, но признаваат дека на нивна штета било молчењето и на тој начин оставиле простор други да наметнат наратив.
М. ИЛИОСКИ