Штипското јавно обвинителство денеска побара притвор за таткото-насилник, кој во неделата во Штип, влета на фудбалскиот јуниорски натпревар меѓу Брегалница и Шкупи и поради судиска одлука против неговиот син од Шкупи, нападна и повреди два негови противнички соиграча од 14 години.
ОЈО Штип поведе итна постапка против едно лице (таткото-тепач) за кривично дело – Насилство од член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на двата фудбалски клуба.
„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на Беласица, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за Шкупи. Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, вели Обвинителството.
Јавниот обвинител чека од судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип одлука по поднесениот предлог за определување мерка притвор за осомничениот татко, роден 1982 година, имајќи го предвид видот и сериозноста на кривичното дело против јавниот ред, опасноста од бегство на осомничениот и можноста за повторување на делото.
С. К. ДЕЛЕВСКА