Претседателот Ѓорге Иванов ги повика пратениците да ја отфрлат Преспанската спогодба за решавање на спорот за името со Грција и уставните амандмани.
„Прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател. Постаро е дури и од државата. Ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа име и со тој идентитет. И денес од оваа говорница, сѐ уште се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сила ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли Преспанската спогодба и амандманите на Уставот“, рече Иванов во новогодишното обраќање во Собранието.
Иванов рече дека од почетокот на независноста Грција го попречува правото на самооопределување, а оваа трагедија е благодарение на Преспанската спогодба, со која се стави крај на Република Македонија каква што ја знаеме.
За тврдењата на владата дека со Договорот од Преспа е зачуван македонскиот јазик, Иванов рече дека Грција и грчкото државно раководство ја демантирала македонската Влада.
За неактивирањето на гаранциите што му ги дал премиерот Зоран Заев, претседателот Иванов рече дека со ставање потпис на гаранциите, тој ставил вето на Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на Договорот од Преспа.
Претседателот Иванов го осуди насилството на 27 април 2017 година, кога беше нападнато Собранието и беа повредени пратеници, новинари и вработени во Собранието.
„Која е разликата меѓу моите помилувања и вашата амнестија? Во целите. Мојата цел беше помирување преку помилување, а ваша цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување. Додека јас одлуките го донесов да спречам хаос, вие одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаос во државата. Ако вие законот за амнестија го донесовте заради пратениците со цел да ви поминат уставните измени, јас го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери, дека оваа амнестија не е за помирување, туку за уценување“, рече Иванов.
Неколку пати пратениците од власта реагираа на говорот на Иванов, а Иванов им рече да ги надминат личните фрустрации и да го сослушаат говорот без дофрлување, оти тој цела година ги слушал и дека ја покажале културата на однесување пред присутните странски амбасадори.
Иванов кажа дека со усна наредба тој, семејството и кабинетот биле цело време прислушувани од Управата за безбедност и контраразузнавање, за која смета дека е извор на сите дестабилизации и креирањето на лажни вести за свикување на воена или вонредна состојба.
Г. ТРПЕНОСКИ