Претседателот Ѓорге Иванов на индискиот амбасадор во Бразил му кажал дека зборот Македонија потекнува од Индија, објави амбасадорот Аби Кумар на Твитер. Според Иванов, зборот Македонија доаѓа од „Маа Ки Дунија“, а потоа Римјаните ја нарекле Македонија.
Средбата се случила на свеченото отворање на македонската амбасада во Бразилија.
„Имав можност да го запознаам доктор Ѓорге Иванов, претседател на Македонија на церемонијата за отворањето на Македонската амбасада во Бразилија. Ми кажа интересна работа „Зборот Македонија доаѓа од Индија. Била наречена ‘Маа ки Дунија’, по што Римјаните започнале да ја викаат Македонија“, напиша Кумар на социјалната мрежа.
Пред неколку години, Иванов, кој е голем љубител на ликот и делото на Александар Македонски, во разни прилики објаснувал и како настанало името на Пакистан – кога војниците на Александар во битките со Дариј паѓале погодени од копје, Великиот цар им се обраќал со зборовите: Пак-ти-стани, пак-ти-стани (оттаму е демек, Пакистан).
На социјалните мрежи веќе неколку години кружи кусо видео со наводен линк од преведувачот на Гугл според кое што зборот мајка на санскрит се вика Македонија. Познато е дека преводот на Гугл може да се манипулира, бидејќи предвид се земаат и сугестии од корисниците.