Од пријавените кандидати за обвинители за организиран криминал и корупција: Марија Ѓоргева од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Валентина Бислимовска од ОЈО ГОКК, Енѓелуше Кадриу-Леши од ОЈО ГОКК, Сузана Мирчевска-Кузмановска од ОЈО ГОКК, Ана Стојковиќ-Димитриовска од Основно јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Ана Гоговска-Јакимовска од ОЈО Скопје, Александар Марковски од ОЈО Скопје, Ивана Трајчева од ОЈО ГОКК и Сузана Мирческа-Кузмановска од ОЈО ГОКК, Советот на јавни обвинители на денешната седница избра четворица: Александар Маркоски, Енѓелуше Кадриу-Леши, Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојковиќ-Димитровска.
Сите се освежување, односно доаѓаат однадвор, во случајов од Скопското обвинителство, освен Енѓелуше Кадриу-Леши, на која овој ѝ е трет мандат во ОЈО ГОКК.
Силни критики од Ардиан Демири беа упатени до обвинителите од заедниците, затоа што не се пријавуваат на огласите за јавни обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Кандидатурите ги повлекоа вишите обвинители Трајче Пеливанов и Артан Ајро, кои во Вишото Скопско обвинителство дојдоа од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и се познати во јавноста по предметот за масовното незаконско прислушување заедно со обвинителката Ленче Ристоска за која оваа власт урива и огласи кајшто е таа високорангирана, само за да не помине некаде и биде избрана/унапредена.
Марија Ѓоргева не доби ниту еден глас. Валентина Бислимовска беше подобра, доби само еден глас. Двете се припаднички на заедниците.
Ивана Трајчева, која ги истера истрагите и трите обвиненија за полицајците кои ја предизвикале трагедијата со пожарот во Кочани на 16 март 2025 со 63 жртви, не ја доби поддршката од Советот на јавни обвинители.
Откако избра 4 обвинители за 5 места во ОЈО за организиран криминал и корупција, Советот на јавни обвинители не избра Виш јавен обвинител на Скопје, по повлекувањето од функцијата на Мустафа Хајрулахи.
За местото беа пријавени: обвинителката Фатиме Фетаи, Владимир Милошевски кој лани беше унапреден во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јасмина Крстевска- Здравевска од ОЈО Скопје и Артан Ајро од ВЈО Скопје.
С. К. ДЕЛЕВСКА



