Со стихови од песната на групата „Санаториум“, „Без разум и свест“ и транспарант со измената реплика од филмот „Среќна Нова ’49“, „Извини Зоки морално (ли беше)“, членовите на Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) денеска протестираа пред Министерството за култура бидејќи им доцни мартовската плата.
„ Денес стоиме овде не затоа што сакаме, туку затоа што мораме! Мораме, затоа што веќе предолго трае ова лудило што секоја година, во март и април, повторно нѐ доведува овде, на раб на трпението и достоинството.
Групата од само пет суперхерои, кои себеси гордо се нарекуваат ‘Министерството’, и оваа година никако не разочарува. Храбро се бореа да зачуваат една специфична традиција, традиција на протести во април на културните работници. Тие во името на правдата, најноншалантно и тотално неодговорно, се понесоа кон вработените во институциите, не давајќи им никакви навремени насоки за постапување при новите пресметки на плата, најверојатно да го уживаат самиот чин на воајерство на празните трпези за Велигден на над 3.000 вработени, притоа знаејќи ја цената, но не и штетата на направеното! Иронијата е – ова не се случува во некоја апстрактна бирократска игра, туку токму во Министерството кое постои заради нас“, рече претседателката на СКРМ Вера Атанасовска.
На 18 април, Министерството за култура и туризам соопшти дека вработените во културата ќе земат после Влеигденските празници.
„Вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат своите плати со потребното зголемување во првите два работни дена следната недела, согласно закон и колективниот договор. Доцнењето е поради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финансии”, соопшти Министерството за култура на 18 април, откако Синдикатот реагираше дека останале без плата за време на празниците.
Атанасовска денеска меѓудругото кажа дека почитувањето на Колективниот договор за култура кој предвидел усогласување на платите кај сите вработени согласно растот на животниот стандард е проблем.
„И сега имаме ситуација на потпишан, признат и уставно потврден Колективен договор, преќутно меѓусебе, зад затворени врати, да се прогласува, де за ‘неуставен’, де за ‘незаконски’. Ние денес не протестираме за луксуз туку за уставно загарантирани права“, кажа Атанасовска.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој е актер по професија, на 19 април преку Фејсбук објава им се извини на колегите дека доцнат платите.
„Свесен сум дека тоа е голем проблем кој предизвика непријатност за Вас и Вашите семејства, уште повеќе што ова треба да се денови на радост и семејна прослава. Искрено жалам што дојде до ова доцнење и покрај сите мои напори да се стигне на време.
Причината за ова е долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите на вработените во културата што пак секоја година создава огромни проблеми. За конечно и трајно да го надминеме овој предизвик мораше да се усогласат сите засегнати страни, што не било пракса во минатото и сето тоа за жал, доведе до доцнење со исплатата“, објави Љутков.