Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека не јаде банани, одговарајќи на новинарско прашање за владината набавка на 600 килограми банани. Дополнително, Мицкоски рече дека периодов пости, како и голем дел од неговите колеги од Владата, бидејќи е месец на рамазански и велигденски пости.
„Прочитав и јас во некои медиуми дека се набавени 600 килограми банани. Јас банани не јадам, конкретно. Но, ќе го проверам сето тоа дали е така. Но, ако е целта да најдеме нов начин и нова формула во Владата, ако може на воздух да се живее, еве јас ќе ви кажам дека сега сме во месец на рамазански и велигденски пости, внимаваме каква храна конзумираме. Конкретно, јас постам, знам дека голем дел од колегите и од христијанска православна вероисповест и од исламска вероисповест, постат и ги почитуваат овие пости. Така што во периодот ќе внимаваме овие трошења да ги сведеме ако е можно на нула“, изјави Мицкоски на настан во Општина Кисела Вода.
„Слободен печат“ објави дека Службата за општи и заеднички работи на Владата извршил набавка на зеленчук и овошје, а во тек е огласот за набавка на риба, месо и сувомеснати производи.
Според склучените договори за јавна набавка, Владата ќе набавува ананас, авокадо, 600 килограми банани, грозје, 500 килограми свежи чистени ореви, јагоди, 300 килограми круши, калинки, кајсии, лупени кикирики, свежи капини, костени, лубеница, 1.100 килограми портокали, по 10 килограми цреши и папаја, цреши и лимета, додека од зеленчук ќе се набавуваат шери домати, бамји, брокули, дајкон, аспарагус, покрај вообичаените производи како грав, пиперки, зелка, компир и ориз.
Премиерот беше прашан и за авионскиот превоз до Будимпешта за заедничката владина седница неделава со Унгарија. Тој рече дека биле набавени 60 билети по цена од 700 евра, па фактурата вкупно изнесувала 2.600.000 денари.
Мицкоски и министрите отидоа во Унгарија со авион на турската компанија „Фрибрд ерлајнс“. Оваа турска компанија ги реализира чартер летовите на странските туристи за посета на земјава, кои ги организира германската компанија „РСД“.