Јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера добил закани по животот преку препорачано писмо, соопшти утринава Јавното обвинителство. Писмото, испратено од Пошта Битола на 17 јануари, е напишано на македонски и англиски јазик, и во него се вели дека Јовески ќе биде убиен ако не ослободи од обвинение двајца новинари. Од Јавното обвинителство велат дека за тој случај постапката е запрена бидејќи утврдиле дека нема место за јавнообвинителско постапување.
Испраќачот на писмото вели дека припаѓа на терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата.
„Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Од Јавното обвинителство велат дека пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја испратило пратката.