Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска усвои Повелба за македонскиот јазик во којашто ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на МАНУ во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки.
„Повелбата ги зацврстува ставовите на МАНУ за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела. На тој начин, МАНУ ја истакнува својата определба дека најдобра заштита на македонскиот јазик е создавање услови за остварување на неговата улога на значаен фактор на општествената и културната интеграција во државата. Тоа е единствено можно преку систематско и координирано научно проучување и обработка на македонскиот јазик на сите нивоа, како во домашни, така и во меѓународни рамки. Повелбата за македонскиот јазик ја истакнува законската и статутарната обврска на МАНУ да ја остварува координативната и обединувачка улога во однос на приоритетните и фундаменталните научни истражувања на македонскиот јазик со другите научноистражувачки и високообразовни установи“, се вели во соопштението на МАНУ.