На Клиниката за психијатрија во склоп на Дневната болница веќе функционира Кабиент за третман на пациенти кои имаат потешкотии со коцкање, интернет зависност, злоупотреба на алколол и психоактивни суптанци и ќе биде проширен на „Мој термин“, најави денеска директорката д-р Славица Арсова. Денеска беше промовиран целосно реновираниот прв кат на Клиниката за психијатрија во Скопје, со нова фасада, нов кров и нова фасадна столарија на клиниката.
„Менталното здравје се негува уште од самото раѓање. Имаме намера да ги прошириме кабинетите. Кабинетот за мајки и деца да прерасне во Дневен центар за мајки и деца, Кабинетот за нервноразвојно растројство да прерасне во Дневен центар за деца и млади. Во соработка со Клиниката за онколологија отворивме Кабинет за психијатриско-психолошка подршка на пациенти со онколошки болести. Амбулантите на ‘Мој термин’ и понатаму ќе функционираат прва и втора смена во Тафталиџе, за да се растовари овој простор. Овде ќе функционира Ургентна амбуланта и кабинетите“, рече Арсова.
Првата фаза од проектот за реновирање е финансирана преку Светска банка во соработка со Министерство за финансии во делот на подобрување на енергетската ефикасност реализирана минатата година, по што Министерството за здравство се вклучи во делот на внатрешно реновирање, односно комплетно е реновиран првиот кат, каде има и посебно адаптирана болничка соба за лица со хендикеп.
Вкупната сума на инвестицијата изнесува околу 650 илјади евра (над 40.000.000 денари). Преку проектната единица на Министерство за финансии за првата фаза се инвестирани над 471 илјади евра (29.000.000 денари), а над 195 илјади евра (12.000.000 денари) преку Министерство за здравство за реализација на втората фаза.
Б. НЕСТОРОСКА