КАФЕАНЏИИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ ВРЕМЕ ДА СЕ ПРИЛАГОДАТ НА ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ, КАЖА МИНИСТЕРОТ АЛИУ

    КАФЕАНЏИИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ ВРЕМЕ ДА СЕ ПРИЛАГОДАТ НА ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ, КАЖА МИНИСТЕРОТ АЛИУЌе бидат строго забранети за продажба сите вкусови кои се благи и атрактивни за младите. (Фото: К. Попов)

    Прифативме да се одложи примената на измената на Законот за заштита од пушење за терасите, отворените тераси од три страни, кои што, за жал, сега се затворени. Им треба време за да може инфраструктурно да се прилагодат кон Законот, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу.

    Законот првично беше најавен дека ќе почне да се применува од 1 март, но, како што вчера изјавија од  Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК, „Министерството интензивно работи на анализа и разгледување на пристигнатите предлози и забелешки во однос на предлог-законот за заштита од пушење. Нашата цел е тој да биде финализиран и доставен до Владата во текот на неделава, по што ќе следи натамошната процедура согласно деловничките и законските рокови. Сите детали поврзани со стапувањето во сила и начинот на спроведување ќе бидат јавно и прецизно објавени во моментот кога законот ќе биде финализиран и усвоен во соодветна владина постапка“.

    Новината се однесува на терасите и летните бавчи. Пушење ќе биде дозволено на отворените делови, но само доколку тие имаат најмалку две целосно отворени страни и обезбедено природно проветрување. Првичниот предлог предвидуваше построги услови, односно три отворени страни, што предизвика силни реакции од угостителите кои тврдеа дека голем дел од локалите нема да можат да ги исполнат тие критериуми.

    Алиу на денешната прес-конференција во Владата за контролите врз фирмите кои одгледуваат канабис, на новинарско прашање кажа дека процесот за забелешки во тој закон веќе е завршен.

    „После тоа работните групи седнаа, имаа консултации со стручните лица и со сите оние кои се засегнати. Исто така, заедно јас и премиерот имавме неколку состаноци и со производителите, и со потрошувачите, но исто така и со компаниите – со ресторани, со кафулиња и така натаму. Дефинитивно имаше забелешки коишто беа логични и може да бидат прифатени, но имаше и такви коишто не беа прифатени.
    Не беше прифатено барањето електронските цигари да продолжат да се консумираат во затворени простории. Цениме дека тие се исто толку штетни колку и традиционалните цигари и нема да биде дозволено нивно консумирање внатре.
    За електронски цигари со вкус, ова барање е делумно прифатено. Постојат вкусови кои се директно наменети за младата популација, а целта на законот е заштита на населението со фокус на младите. Како држава сме на врвот во Европа по консумирање на овие т.н. ‘помалку штетни’ или модерни електронски цигари“, рече Алиу.

    Ќе бидат строго забранети за продажба сите вкусови кои се благи и атрактивни за младите. Според направените анализи и барања, ќе дозволат да се продаваат само електронски цигари со неутрален вкус и со вкус на тутун.

    „Целта е населението кое веќе консумира традиционални цигари да може да се префрли на електронски, но тие да не бидат привлечни за младите, бидејќи сметаме дека ова е првиот влез на младите да почнат да пушат“, додаде министерот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира