Скопското Кале е осветлено со портокалова боја за Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените, со што почнува кампања „16 Дена активизам против родово базирано насилство“ на Обединетите нации и Европската делегација во Скопје. Со мотото „Вклучи се, исклучи насилство“, кампањата ќе биде составена од серија на активности со цел ставање на крај на насилството врз жените и девојчињата низ светот.
„Градот Скопје дава поддршка на Националната стратегија за заштита од семејно насилство која претставува еден од основните стратешки документ на Република Mакедонија, предлага и усвојува свои стратешки документи, како што е Стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје, а поддржува и сервис за справување со семејно насилство“, соопштија градските власти.
По повод Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените, Хелсиншкиот комитет потсети дека 70% од жените во Република Македонија доживеале некаков вид на насилство во нивниот живот.
„Еден од најголемите и клучни проблеми е системот на заштита на жените жртви на насилство. Уште при самото пријавување на насилството во полиција, во центрите за социјална работа и здравствените установи и минувајќи низ лавиринтите на системот, жртвите стануваат по втор пат жртви. Имено, полициските службеници кои првично се повикани да реагираат, многу често не се сензибилизирани ниту обучени за постапување со жени жртви на насилство. Од друга страна Центрите за социјална работа со нивниот слаб капацитет и ресурси, не се во состојба квалитетно и навремено да одговорат на пријавите на жртвите, особено не надвор од работното време“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Денеска, 19 политички партии потпишаа декларација дека ќе ја ратификуваат Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство. Од поголемите партии својот потпис единствено не го стави ВМРО ДПМНЕ, а Македонија е единствена меѓу земјите во регионот која се уште ја нема ратификувано конвенцијата.