Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) и Здружението на судска администрација (ЗСА) ја поздравуваат одлуката на надлежните органи конечно да им ги исплатат на обвинителите и на обвинителската администрација додатоците на 20 отсто од платата, за посебни услови за работа, постоење на висок ризик, доверливост и ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа.
Но, судската администрација, која штрајкуваше 62 ден, вели УПОЗ, уште не ги добила истите 20 отсто надомест на платите, определени со закон.
„Со ваквите постапки Министерот за правда и Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, свесно или несвесно ги провоцираат вработените во судовите со тоа што не ги обезбедуваат овие права и за нив. За време на штрајкот, вработените во судовите настрадаа од самоволието на Караџовски, кој место да изнајде решение со проблемот за додатоци на плат, арогантно, самоволно и противзаконски одлучи да ги казни околу 2.400 вработени намалувајќи им ги платите за 40% за два месеца“, соопшти Синдикатот.
Бидејќи до денес овој проблем остана отворен, се наведува во соопштението „Синдикатот на УПОЗ и ЗСА му препорачуваат на Зоран Караџовски да го следи примерот на поранешниот директор на Јавното претпријатие Македонски железници кој неможејќи да го реши проблемот на штрајкувачите, си поднесе оставка“.
Синдикатот на УПОЗ и ЗСА сметаат дека понатамошното останување на функцијата на претседателот на судскиот совет Караџовски ќе донесе уште поголеми проблеми во судството, а особено на вработените во судовите чиј животен стандард лично тој го унакази и уназади.
Синдикатот на УПОЗ и ЗСА ќе се обратат до Министерството за правда и до Министерството за финансии со барање сите вработени во правосудните органи да имаат еднаков третман во поглед на добивање и исплата на надоместоците на плата, а по формирање на новата влада веднаш ќе упатат барање за измена на Законот за судска служба.