Владата донесе уредба со законска сила со која се задолжуваат сите маркети да ангажираат редарска служба на влезот и во внатрешноста на објектот за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот. Новата мерка за справување со епидемијата на коронавирус ја презентираше министерот за економија Крешник Бектеши, кој кажа дека за непочитување на уредбата се предвидени казни од 500 до 2.000 евра.
„На вчерашната седница на Владата беше донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за трговија со која се поставува ред и дисциплина при влез во објектите во кои се врши трговија на мало, продавници, самопослуги, маркети, пекари и за време на траење на вонредната состојба. Според Уредбата сите трговци од денеска се должни да обезбедат редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот“, кажа Бектеши.
Согласно уредбата, рече Бектеши, трговците се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри при чекање ред на лицата пред влезот и пред секоја каса за наплата.
„Доколку не се почитуваат одредбите од оваа Уредба следуваат глоби. За малите и микро трговци, кои што нема да воспостават ред и дисциплина пред нивните објекти е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра, додека за средните и големи трговци кои што нема да ги почитуваат одредбите од оваа Уредба со законска сила предвидена е глоба од 1.000 до 2.000 евра“, кажа Бектеши и апелираше до трговците да се придржуваат до насоките и мерките на Владата, а до граѓаните кои што ќе утврдат неправилности да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат.