Државната изборна комисија (ДИК) донесе одлука членовите и вработените во комисијата индивидуално да си донесат одлука дали ќе ги вратат парите што си ги поделија како награда. Претседателот на ДИК Александар Чичаковски, рече дека нема правна основа да се отповика одлуката за доделувањето на бонусите и најави дека ќе ги разгледа правните можности да ги врати парите во буџетот или да донира.
Сашо Срцев, член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека е изненаден од посочувањето со прст на комисијата како за школски пример на корупција.
„На нас останува дали ќе се избориме оваа одлука ќе остане или ќе ја промениме. Спремен сум да дадам оставка ако се утврди дека сум постапил спротивно на закон, а се надевам дека медиумите и јавноста на ист начин ќе ја следат работата и на другите државни органи. На моето семејство не му требаат пари за свеќи и за пченица и ќе ги вратам овие пари” рече Срцев по клетвите на социјалните мрежи.
По завршување на седницата, на новинарско прашање дали ќе ги врати парите, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ кажа: „Колегата кажа дека ќе ги вратиме парите, и мене не ми требаат пари за свеќи и за пченица“.
Виолета Дума додаде дека со колегата од СДСМ Игор Милев ќе потпишат изјава дека ги враќаат парите.
„Ќе ги вратам парите, не затоа што не сум ги заслужила, оти од 24 часа на ден работев 20 часа. Ќе ги вратам парите на кој било начин, ќе ги донирам или ќе ги вратам во буџетот и им го пожелувам истото на оние што нам ни го посакаа, тие да ги добијат овие пари оти можеби ќе им затребаат. Никој не праша дали одлуката за надоместоците е законита. Таа е донесена врз основа на член 19 став еден и два”, рече членот на ДИК од СДСМ Виолета Дума.
Субхи Јакупи од ДУИ, исто така, кажа дека ќе ги врати парите, но по овој јавен притисок излегува дека не се цени нивниот труд.
„Околу транспарентноста се сложувам, зошто овие одлуки јавно не се објавени. Излегува дека сме се криеле за нешто кое ни следи по закон”, рече Јакупи.
Јавната седница на ДИК за поделените бонуси се случи еден ден откако американскито амбасадор Џес Бејли, кој на вчерашното предавање за борбата против корупција на Факултетот за безбедност ја посочи ДИК како пример со кој се доведува во прашање посветеноста на лидерите, институциите и на медиумите за откривање на коруптивни дејства. Бејли откри дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори кои штотуку завршија, а претходно дополнителено добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година.
Е. БОЧВАРОСКА