Од наредниот месец ќе поевтинат катастарските услуги, најави денес директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Иван Живковски. Тој денеска кажа дека откако дошол на функцијата веднаш почнал со правење нов тарифник односно измена на оној кој во февруари годинава го донесе владата на СДСМ и ДУИ, со кој овие услуги поскапеа.
„Поевтинуваат катастарските услуги за шест пати, до милион евра годишно ќе остануваат кај граѓаните. Според тарифникот од претходната власт ака сега купите нов стан со едно паркинг место ќе треба да платите четири пати по 1.250 денари. Со новиот тарифник за една катастарска општина ќе има една единствена цена од 1.250 денари. Ќе имаме измени односно намалување на цените и во оставински постапки и подарен имот“, рече Живковски.
Тој кажал дека затекнал 5.500 заостанати предмети кои не се работеле со години, кои сега се намалени на 2.200, а до крајот на месецот најави дека ќе нема нерешени предмети.
Премиерот Христијан Мицкоски кој денес го посети Катастарот кажа дека во оваа институција имаат индиции за криминал и дека во наредниот период многу случаи ќе бидат разоткриени.
„Забележавте дека илјадници предмети биле нерешени, директорот е скромен и не сака да каже можеби детали коишто допрва органите на редот и истражните ќе треба да се позанимаваат, но верувајте дека ќе има многу за истрага“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА