ЌЕ ПРЕДВИДИМЕ ОТПОВИКУВАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИК СО НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ПЕРИНСКИ

    ЌЕ ПРЕДВИДИМЕ ОТПОВИКУВАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИК СО НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ПЕРИНСКИСо новиот закон ќе се предвиди и формирање на комунална полиција. (Фото: СДК.МК)

    Можноста да се отповика градоначалник ќе се предвиди со новиот Закон за локална самоуправа, кажа денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински. Според сегашното законско решение градоначалник кој што е избран на непосредни избори не може никако да биде отповикан од функција додека не му заврши 4-годишниот мандат.

    „Постојното законско решение е постаро од 20 години и во него не е предвидена можност за отповикување на градоначалник. Токму затоа сметаме дека треба да интервенираме во овој закон и преку широка консензус со странски и домашни експерти да најдеме заедничко решение и оваа аномалија да ја смениме“, кажа Перински на прес-конференцијата за 100 дена Влада и работата на Министерството.

    Перински кажа дека со новиот закон ќе се предвиди и воведување на комунална полиција.

    „Сакаме во законот да го препознаеме моделот на комунална полиција бидејќи се соочуваме со секојдневни проблеми во овој дел. Сакаме да го адаптираме законот и да го направиме согласно модерните услови на живеење“, рече Перински.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира