Со парите кои минатата Влада ги префрлила за изградба на базен во аква паркот и затворени тениски терени во СЦ „Борис Трајковски“, новото раководство ги покрило долговите кои ги наследило од претходниците. На сметката на СЦ „Борис Трајковски“ биле префрлени пола милион евра за оваа намена. Новиот директор Александар Петровски ги стопирал овие проекти, за како што вели да не се блокира работењето на центарот бидејќи наследил голем број долгови.
„Доколку почнеше реализацијата проектите отворен базен во аква паркот, каде сметам дека нема доволно простор за негова изградба и затворени тениски терени, ќе пропадневме. Изградбата на овие објекти повлекува многу повеќе пари. Треба да си ја пуштиме чергата колку што ни се долги нозете. Со одлука на Влада добив дозвола со овие пари да се платат дел од долговите и побарувањата“, вели новиот директор на СЦ „Борис Трајковски“ Александар Петровски.
Петровски освен лоша финансиска состојба вели дека многу работи во салата, базенот, аква паркот и останатите содржи кои ги има во спортскиот центар биле занемарени.
„Хигиената во базенот беше лоша, покривот не е во добра состојба и наредната година се надевам ќе обезбедиме пари за реновирање. И во салата работите не беа ништо подобри, не ми беше јасно зошто лифтовите не работат, а подземниот паркинг никој не го користи. Тој беше претворен во магацин, затрупан со потребни и непотребни работи, 40 камиони со ѓубре изнесовме. Сега тој е функционален, па ѕвездите и спортистите кои настапуваат ќе можат професионално преку паркингот да дојдат до салата, а не како досега преку улица, меѓу посетители и навивачи. Стинг беше првиот кој го сефтоса“, вели Петревски.
Новиот директор вели дека во наредниот период ќе работи и на подобрување на условите и услугите во аква паркот, а од наредната недела ќе биде отворено лизгалиштето.
А. АНТЕВСКА