Министерството за здравство ќе набави 100 нови амбулантни возила, вредни 7,5 милиони евра, со медицинска опрема за јавните здравствени установи низ државата, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Одлуката била донесена на вчерашната седница на Владата.
„Со оваа одлука обезбедуваме средства за набавка на 100 нови амбулантни возила, со вкупна вредност од 461.250.000 денари, со преземање обврски во рамки на развојниот дел од буџетот во наредните четири години. Ова ќе значи побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, навремен транспорт на пациенти до секундарно и терциерно ниво, подобра покриеност во урбаните и во руралните средини“, вели Алиу.
На владината седница е одлучено земјиштето на паркинг просторот ќе се запише во сопственост на Македонија, со што се отстранува административната пречка за потпишување на договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“.
„Со овој договор ќе се овозможи модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање, но и воспоставување ред. Предвидуваме комплетен мониторинг на паркирањето, информативни табли и дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните. Целта која ќе ја постигнеме ќе биде пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот клиники“, додаде Алиу.



