На граничниот премин со Грција „Богородица“ ќе бидат отворени две нови ленти за излез од државата и една дополнителна лента за влез на товарни возила, кажа денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според него, овој потег треба значително да го олесни сообраќајниот метеж, кој е особено изразен во летниот период поради големиот број туристи од регионот што патуваат кон Грција.
Министерот очекува дека со зголемувањето на капацитетот и ефикасноста на преминот, долготрајните чекања од неколку часа ќе се намалат.
Тошковски исто така најави и долгорочна стратегија, според која товарниот сообраќај би се пренасочил на посебен граничен премин, слично на решението што веќе го применува Грција.