ЌЕ СЕ СТАВИ КРАЈ НА НАДРИЛЕКАРИТЕ КОИ ГИ УНАКАЗУВААТ ДЕВОЈКИТЕ СО ФИЛЕРИ И БОТОКСИ, ВЕЛАТ ХИРУРЗИТЕ ЗА ПРЕСТОЈНИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

    ЌЕ СЕ СТАВИ КРАЈ НА НАДРИЛЕКАРИТЕ КОИ ГИ УНАКАЗУВААТ ДЕВОЈКИТЕ СО ФИЛЕРИ И БОТОКСИ, ВЕЛАТ ХИРУРЗИТЕ ЗА ПРЕСТОЈНИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИДокторите се децидни дека е потребно овие медицински интервенции да се извршуваат само во здравствени установи од приватна и јавна служба од едуцирани лекари. Д-р Пеев и д-р Илиева на прес-конференцијата на 11 февруари годинава. (Фото: СДК.МК)

    Измените кои естетеските и пластични хирурзи ги бараат за интервенциите од естетската медицина да се извршуваат само во здравствени установи од приватна и јавна служба од едуцирани лекари, ќе бидат имплементирани во новите измени на закони од областа на здравството.

    Здружението за естетска медицина (ЗЕМ), Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи (МАПРЕКС) и Здружението на дерматовенеролози на Македонија (ЗДМ) во февруари на прес-конференција апелираа дека во земјава има несоодветна примена на членовите 33 и 35 од Законот за јавно здравје и кажаа дека поднеле барања да се сретнат со тогашниот министер за здравство Арбен Таравари и со претседателката на Комисијата за здравство во Собранието, Рашела Мизрахи, за да се спречат штетни последици по здравјето на граѓаните.

    „Нашето барање поднесено од трите здруженија (ЗЕМ, МАПРЕХ и ЗДМ) беше поднесено до министерот и заменик-министерот  за здравство Јовица Андовски и соодветно копија од истото доставивме и до претседателот на здравствена комисија во законодавниот дом.  Бевме контактирани за предлог-измени и ни беше посочено дека истите ќе бидат имплементирани во новите измени на закони од областа на здравството“, ни рекоа од Здружението за естетска медицина.

    Докторите во барањето до институциите рекоа дека членот 33 од Законот за јавно здравје гласи „Традиционална и комплементарна медицина, тетовирање, пирсинг, трајна шминка, акупунктура и активности за нега разубавување, а под активности со кои се продира во кожата“, со што се подразбираат медицински процедури кои се вршат во длабоките слоеви на кожата, со медицински средства кои бараат стручна лекарска подготвеност, односно истите смее да ги извршува само доктор дерматолог или пластичен хирург во здравствени установи, а не и козметичари во простории и салони за убавина.

    „Бидејќи став 1 од член 33 несреќно содржи термини како активности со кои се продира во кожата (тетовирање, пирсинг, трајна шминка и акупунктура, употреба и користење на ботокс, нехируршка липосукција и користење на ласер), а кои активности поврзани со употреба на медицинските средства спаѓаат исклучиво во областа на медицината, ние како доктори специјалисти секојдневно се сретнуваме со безброј компликаци предизвикани кај пациентите од страна на козметичарите преку нестручно вршење на тие активности со кои се продира во кожата, извршени при нестерилни услови, со нестерилни инструменти и крајно, со непознат извор на набавка на сите тие медицински средства со непознато потекло“, се вели меѓудругото во писмото од трите здруженија.

    На прес-конференцијата на 11 февруари, д-р Игор Пеев и д-р Анџелка Илиева од Здружението рекоа дека Македонките нарачуваат филери од „Али експрес“ и сами дома се боцкаат.

    „Ни дојде пациентка со распаднат задник од вбризган филер“, „Козметичарка ѝ дала инструкции на пациентката сама дома да си стави половина доза од филерот“, беа дел од искуствата на кои ги споделија со новинарите.

    „Естетската медицина е единствена гранка во медицината во која пациентот е здрав и доаѓа доброволно на лекар. И не е во ред од пациент со нормален изглед да си замине со проблеми. На Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија доаѓаат  пациентки со последици, откако си ставиле сами филери од ‘Али експрес’ или се боцкаат по маалски козметички салони“, рече д-р Пеев.

    Д-р Илиева вели дека хијалуронски  филер е медицинско помагало еднакво на стент во кардиохирургијата и затоа секое негово користење од немедицинско лице и во нестерилни услови се смета за надрилекарство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира