КОНСОЛИДАЦИЈА НА ДИК, АЖУРИРАЊЕ НА ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК И ОДВОЈУВАЊЕ НА ДРЖАВАТА ОД ПАРТИЈАТА СЕ ПРВИТЕ МЕРКИ ЗА ИЗБОРИТЕ ОД ПЛАНОТ 3-6-9

    КОНСОЛИДАЦИЈА НА ДИК, АЖУРИРАЊЕ НА ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК И ОДВОЈУВАЊЕ НА ДРЖАВАТА ОД ПАРТИЈАТА СЕ ПРВИТЕ МЕРКИ ЗА ИЗБОРИТЕ ОД ПЛАНОТ 3-6-9Овие мерки се дел од вкупно 73 мерки кои треба да се спроведат во првите три месеци, кои се однесуваат на 11 области. Од нив 13 мерки се за правосудство, 11 се за изборите и 9 за собранието; - вицепремиерот Бујар Османи денеска го претстави системот подготвен за имплементација на планот за реформи 3-6-9

    Локалните избори се првиот тест дали оваа Влада е различна, рече вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи кој денес го презентираше системот подготвен за имплементација на планот за реформи 3-6-9. Тој очекува фер и кредибилни избори за кои поради кусиот рок не се предвидени системски реформи.

    „Во однос на изборите во овој кус рок предвидовме мерки за внатрешна консолидација на Државната изборна комисија, ажурирање на избирачкиот список и мерки за одвојување на државата од партијата“, рече вицепремиерот Османи.

    Овие мерки се дел од вкупно 73 мерки кои треба да се спроведат во првите три месеци, кои се однесуваат на 11 области. Од нив 13 мерки се за правосудство, 11 се за изборите и 9 за собранието. Дел од најавените мерки се реализирани во последниве две недели. Вицепремиерот рече дека се работи за реализирани 7-8 мерки.

    „Формирани се комисија за надзор на разузнавачките служби, Клуб на жени пратенички, Национален совет за евроинтеграции, постојана анкетна комисија за човекови права, во делот на миграциите Владата ги одобри преговарачките позиции и го формира преговарачкиот тим за соработка со европската крајбрежна стража ФРОДЕМ, почнати се активностите за ревидирање на нацрт-стратегија за реформа на правосудниот систем, почнати се консултации за нацрт-стратегијата за јавна администрација, почна циклусот консултации со медиумски здруженија за реформите во овој сектор, одобрени се актите за организација и систематија на канцеларијата на Народниот правобранител со што е исполнет еден од условите за јакнење на Народниот правобранител како клучна институција за заштита на човековите права и почнат е процес на консултација за унапредување на процесот на соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор“, рече вицепремиерот Османи.

    Тој очекува за имплементација на планот 3-6-9 да има консензус меѓу партиите и тие да се однесуваат по примерот на Хрватска, пред влезот во ЕУ кога партиите се расправале за други, внатрешни работи, но не и за евроатлантската интеграција.

    Невладините организации му забележаа на вицепремиерот за тоа што не ги поканува на презентациите сите здруженија што би можеле да помогнат, на што тој одговори дека на веб страната на Секретаријатот ќе ги објават сите поканети, а оние кои нема да се најдат на списокот ќе можат да се регистрираат за и тоа да се вклучат во реализацијата на планот 3-6-9.

    М. И. ПАЧЕМСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира